Откако вчера енералниот секретар на СДСМ Александрар Кирацовски ја извести јавноста дека побара повлекување на неговите роднини од работни места, следуваше и фејсбук статус на синот на пратеничката Мира Стојчевска, кој јавно се повлече од своето работно место.
По бројните реакции од опозициската партија и граѓаните, Виктор Стојчевски, кој беше вработен во ЕЛЕМ, на својот фејсбук профил објави статус дека на ден 30.04.2019 година ќе го достави своето барање за отказ.
„Сакам да ја известам јавноста дека јас како дипломиран геодетски инженер на Градежен Факултет – Скопје при УКИМ, свесен за моите знаења и способности имам капацитет да работам во било која компанија од приватниот и државниот сектор каде што се бара геодет. При крај сум со моите магистерски студии на Градежениот Факултет и имам желба и намера да се посветам на мојата професионална кариера.
Јас не сум јавна личност и не сакам повеќе моето име да се провлекува во јавноста.
Во таа насока, сакам да ве известам дека по одлуките на вчерашната седница на ДКСК, од морални причини решив на 30.04.2019 (вторник) да го доставам моето барање за отказ од АД ЕЛЕМ и да се повлечам од работното место“, напиша Стојчевски.