6.8 C
Skopje
Monday, December 9, 2024

Велика Сабота: Денеска однесете црвено јајце

На Велика Сабота во текот на денот се прават последните подготовки за празникот, а вечерта е долгоочекуваниот празник.

Сабота, значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник. Тоа е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста. Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на христијанската жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој. Сабота е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Христовата Мајка – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, го оплакувале Исуса Христа.

Денес на овој ден се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот.

Во Македонија некои на Великата сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна. Во Мариово жените ги переле појасите верувајќи дека не ќе ги боли половината во текот на годината кога ќе копаат и жнијат.

Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце. Во Радовиш носеле и свеќа и зелено гранче или цвеќе, а свеќата запалена од свештеникот ја носеле дома и со неа го запалувале огнот.

На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат.

На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата.

поврзани објави

Последни објави