7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Не заборавај ги плукачите

Пишува: Стојанчо Стоилковски

Поразот на избори ќе треба да значи промена во партијата, а се со цел да дојдат луѓе кои ќе имаат капацитет да ги обединат членовите, да ја добијат довербата на граѓаните.

Токму тоа го кажувам, дека одговорноста за пораз ќе биде во раководството. Тоа не значи дека Мицкоски треба да си оди од партијата, тој треба да продолжи да дејствува во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, но не на лидерското место.

Овие зборови почитувани читатели на мојата колумна се од еден поранешен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, кој на само неколку месеци пред изборите се јавуваше во медиумите и даваше изјави слични на оваа која беше цитирана токму во погоре напишаната реченица.

И покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ загуби, на овие избори Христијан Мицкоски заедно со кандидатот Гордана Силјановска Давкова, како и целиот тим кој застана позади него и позади кандидатот остварија одличен резултат, ако се земат во предвид бројките на излезеност во првиот, па и во вториот изборен круг и ако истите тие се споредат со бројките кои ги испорача СДСМ и ДУИ, поддржани од 30 помали партии.

Овој „пораз“ на ВМРО-ДПМНЕ затропа на вратата на владата и предупреди дека оние кои се од надворешната страна на зградата на владата будно ја следат нејзината работа, нивните ветувања наспроти нивните остварувања, овој „пораз“ на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека многу е тенка линијата меѓу најголемите македонски политички партии, па дури и ако сакате покажа водство на ВМРО-ДПМНЕ во сите општини каде што претежно живее македонско население, а каде што СДСМ пред само 2 години победи на локалните избори со убедлив резултат. За да не излезе дека ја потценувам професорката Силјановска Давкова, веднаш ќе напоменам дека и таа има огромен удел во целата оваа работа, но факт е дека сепак поголемиот број од оние кои гласаа против кандидатот на СДСМ и ДУИ се оние кои очекуваа ЖИВОТ за сите наспроти непотизам, наспроти вработувања на поединци кои не само што не важат за интелектуалци во општеството, туку истите вовлекувајќи му се под кожа на премиерот успеаа да гребнат од неговата „слава“ и на тој начин додворувајќи се гребнат и некое работно место или личен бенефит за себе и за своите најблиски.

На овие избори има и една друга интересна работа, а тоа е дека дел од граѓаните кои гласале, гласааат или ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ го поддржувале референдумот, поточно не го бојкотирале, излегле и со тоа јасно дадоа до знаење дека се одговорни граѓани на својата држава. За ова верувам и сум убеден дека се свесни и во самото раководство на партијата. Но да не должам за сите овие бројки и настани, би сакал во оваа колумна да го искажам моето мислење за оние кои преку медиумите испраќаа порака дека поразот треба да значи и промена во партијата и тоа внимавајте, во моменти кога на ВМРО-ДПМНЕ му се зададе еден тежок удар. Истите тие луѓе немаат ниту грам срам, ниту грам одговорност не спрема себе, туку спрема оние кои 11 години гласаа за тие да си ги сместат своите задници во удобни фотељи кои сами по себе носат бенефит не само за себе, ами за сите свои најблиски.

Оние кои 11 години беа на власт и буквално беа рамо до рамо со Никола Груевски денеска го советуваат Христијан Мицкоски за тоа како тој требало да го поправи имиџот на партијата, како тој и новото раководство требале да се однесуваат спрема меѓународната заедница, како тој да прави анализи и што ли уште не, притоа нагласувајќи дека сега не е време за оставки и превирања, туку за внатрепартиска анализа.

Како тоа на истите тие луѓе не им текна вака јавно, машки и храбро да го посоветуваат Груевски, да го критикуваат за неговите грешки, да му укажат на неговите слабости, како тоа на овие луѓе не им текна дека во 11-те години требаше да ја кренат рачната и да го спасат автобусот чиј шофер упорно го тераше во провалија? Зошто тогаш молчеа?

Капацитет? Овој збор беше често употребуван од оние кои се обидуваа да играат на спротивната страна на Христијан Мицкоски. Нему му требале луѓе со „капацитет“ кои биле способни да сработат, но биле изолирани од новото раководство. Сега овие зборови ги нема. Сега никој не бара оставка од Мицкоски. Сега има зборови од тиот „внатрепартиска анализа, предвремени парламентарни избори во 2020 за кои партијата мора по анализата да биде подготвена“. Истите овие зборови сега се користени од истите оние кои упорно повторуваа дека е потребна промена во ВМРО-ДПМНЕ ако Гордана Силјановска Давкова доживее пораз.

Од денешна перспектива, можам слободно да кажам дека дури и господинот Љубчо Георгиевски, кој важеше за жесток критичар на владеењето на Никола Груевски, човек кој идеолошки ја критикуваше политиката на тој човек, денеска во текот на целата кампања молчеше и не изусти ниту еден критичен збор не само против Христијан Мицкоски, туку и против Гордана Силјановска Давкова, која важи за левичар во својата идеолошка основа. За разлика од него, луѓето кои беа рамо до рамо со Груевски, луѓе кои навистина многу добија од членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, од гласовите за ВМРО-ДПМНЕ, луѓе кои станаа функционери во времето на таа партија и имаа огромни бенефити од истата, беа решени да исплукаат се што може да се исплука дури ВМРО-ДПМНЕ, па ако сакате и новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ е под искушение, ако можам слободно да констатирам во едно од најтешките времиња по 2001 и 2002 за партијата.

Оваа колумна и сите погоре искажани факти се за да упатам порака до раководството на ВМРО-ДПМНЕ, особено до лидерот Христијан Мицкоски. Не заборавај на плукачите, немој да правиш иста грешка, направи smart потег, обедини го ВМРО но под вистинското знаме на ВМРО и Македонија. Обедини ја Македонија. Обедини ги Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците, Бугарите, Србите. Обедини го народот! Народот сака економски стабилна Македонија, држава интегрирана во европските институции, држава во која болните ќе можат да се лекуваат, држава во која студентите ќе имаат достоинствени услови за живот во студентските домови, држава во која затворениците ќе ја отслужуваат својата казна во достоинствени услови, држава во која бизнисмените ќе можат слободно да работат, држава во која платите ќе бидат на ниво достоинствено за сите нејзини граѓани. Само така, обединети под едно знаме, учејќи од грешките на претходниците ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ може да победи на следните парламентарни избори!

Приказните за минатото се завршени. Сите ние си ја сакаме државата и тоа многу повеќе од тие кои украа од сопствениот народ и од сопствената држава. Затоа е потребно обединување на ВМРО, за стабилна, безбедна и економски просперитетна ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА!

поврзани објави

Последни објави