Пратеникот и претседател на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања Павле Богоевски поднесе оставка на пратеничката функција. Од говорница на денешната седница на Комисијата кажа дека оставката ќе биде активирана по пленарната собраниска седница по гласањето за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски. Оставката, како што рече, ја поднесува од морални и етички причини. – Гласот за одземање на мандатот на Никола Груевски ќе биде мојот последен глас во ова Собрание. Оваа одлука ја донесов веднаш по скандалот во моментите кога се самопријавував во полиција. Фактот е дека без разлика на причините за набавката на маслото од канабис за мое блиско лице и на никој од вас не ви ги посакувам тие причини, јас сторив незаконски акт.
Тоа е првата работа. Втората работа, мојата пратеничка функција за жал може да се перцепира дека ќе влијае врз постапката што органите ја водат за мене за илегалното снимање, но и против мене за набавката од канабис, односно постапката што јас ја иницирав. Не би сакал мојата функција да влијае врз правосудните органи. И уште еднаш ќе ја искористам оваа прилика да ги повикам органите на проганот целосно да го истражат настанот за мојата одговорност, но и за одговорноста на тие што противправно снимале и објавиле, рече Богоевски.
Причината што одлуката ја соопштува сега, а не веднаш по откривањето на случајот, како што посочи е од две големи причини. – Прво мене ми беше многу значајно да учествувам до крај на процесот на реформите на разузнавачките служби, а второ оваа седница е причината зошто не соопштив веднаш. Чекав цела јавност да види колку далеку ќе отидете во вашата дрскост и да видат дека станува збор за хајка и за мерки и активности насочени кон заштита на вашиот премиер во бегство Никола Груевски. Повеќе не е прашањето дали Павле Богоевски има легитимитет да ја води комисијата која ќе му го одземе мандатот на Никола Груевски, ниту пак дали Павле Богоевски треба да продолжи да биде пратеник. Сега е прашањето дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе покажат барем трошка од етиката и моралот со кој дрско се расфрлаа овие две недели и дали ќе го заштитат криминалецот во бегство Никола Груевски или ќе му го одземат мандатот, бидејќи да не се лажеме, ако во Собранието нема место за човек кој прекршил закон за да купи масло од канабис за свое блиско болно лице сигурно нема место за пратеник кој парите на граѓаните да плати хотел додека е во бегство од македонската правда, рече Богоевски.
Ваквата одлука на Богоевски доаѓа по аудио снимката на која се слуша неговиот глас, а за која имаше реакции во јавноста.