14.6 C
Skopje
Monday, October 7, 2024

Заев: Подготвени сме за нов почеток, како полноправна членка и веродстоен НАТО сојузник

Состанокот на Северноатлантскиот Совет и на Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО заврши со заедничка прес-конференција на претседателот на Владата Зоран Заев и на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, на која информираа за темите од состанокот.

Премиерот Заев на конференцијата за медиумите истакна дека е голема честа и привилегија што беше одржан овој заеднички состанок, на кој претставниците на Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО и амбасадорите на земјите членки на НАТО во Северноатлантскиот Совет го разгледаа напредокот што земјата го прави на патот кон полноправно членство во алијансата.

-Нашата национална структура за интеграција во НАТО неуморно работи на постигнување на неопходните резултати во согласност со Програмата за продолжување на реформите. Посебен акцент е ставен на постигнувањето на највисоко ниво на институционална подготвеност кога земјава и официјално ќе биде промовирана како 30-та полноправна земја членка – истакна премиерот Заев на прес-конференцијата.

Заев нагласи дека Владата успеа да ги реши сите отворени билатерални прашања и да направи конкретен демократски напредок во општеството, особено во однос на владеењето на правото, на градење силни и функционални институции. Соодветни и неопходни чекори беа направени и за реформирање на разузнавачките агенции и на безбедносните служби на транспарентен и инклузивен начин, со домашни и меѓународни партнери и засегнати страни, кои повторно ја добија автентичната улога да бидат во служба на безбедноста и сигурноста на граѓаните и на интересите на земјата и нејзините сојузници.

-Земјава станува интегрален дел од трансатлантската заедница. Подготвени сме за нов почеток, како полноправна членка, и како сигурен и веродостоен НАТО сојузник, цврсто посветен на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорности на НАТО – потенцираше Заев и додаде дека ратификацијата на Протоколот за пристапување во националните парламенти на земјите-членки се одвива со забрзано темпо. -Самитот на НАТО во декември 2019 во Лондон го гледаме како одлична можност симболично да ја одбележиме завршницата на процесот на членство во НАТО на 70-годишнината од основањето на алијансата со официјално добредојде на 30-тата земја-членка. Но, нема да има суштинско значење доколку процесот на ратификација заврши во почетокот на 2020, односно станеме полноправна членка во првите месеци од следната година – рече премиерот Заев.

На прес-конференцијата со Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, премиерот Заев нагласи дека земјава останува посветена на промовирање на регионалниот дијалог и на соработка со сите соседни земји. Воспоставувањето на силно партнерство меѓу соседите е основа за регионалната безбедност и стабилност, кон што се приклучува и нашето пристапување во ЕУ, како суштински и сигурен партнер на НАТО.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во својот дел од изјавата пред новинарите оддаде признание за напредокот на земјата, констатиран и на состанокот на Северноатлантскиот Совет со Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО и додаде дека овој прв историски состанок на советот во Скопје беше искористен за да се поразговара и за идните теми за соработка на мисиите посветени на меѓународната мир и стабилност.

поврзани објави

Последни објави