„Облогот кој Клеопатра го поставила пред Марк Антони е тоа дека таа ќе потроши 10 милиони сестерци на оброкот пред нејзе. Марк Антони, гледајќи во веќе послужениот скромен оброк, почнал да и се потсмева поради очигледниот факт дека истиот не е ни приближно вреден толку многу пари. Таа само се насмевнала, наредила да и биде донесен еден пехар со оцет, го ставила бисерот од нејзината обетка во пехарот, промешала неколку пати додека бисерот сосема се растворил и го испила.“
Република „Северна“ Македонија одбра лидер. Страстите стивнуваат, можеме на раат да се преправаме дека бојкотот пропадна, и дека некаква си фантомска „скандинавска“, „кристално чиста“, и „прифатена од сите“ демократија победила. Се тоа само во очите на една рака луѓе кои а) имаат директна финансиска придобивка од целиот овој пазар, и/или б) се заслепени од идеолошка еуфорија и сакаат на аматерски и проѕирен начин да го влеат нивниот комплетно извештачен оптимизам во јавноста. Ама, воздухот низ град мириса на се освен на оптимизам. Муабетот на луѓето е се, само не оптимистичен. Плановите на поголемиот дел од моите познаници содржат оптимистични ноти само кога се планира бегање одовде. И со добра причина, бидејќи, ако зборуваме за демократијата, после толку интензивни, прескапи и пред се погрешни обиди да ни ја пресадат во гените, она што ние како народ го научивме е дека до самиот момент кога ќе станеме членка на ЕУ, буквално сешто ќе ни се сервира (наметне) под Нејзина капа. Се додека некои од нас не се решат да ја искусат на своја кожа, некаде настрана, далеку одовде, каде таа всушност вирее.
Но, она што особено изминативе две политички години ми покажаа е дека сеуште е рано за Нејзино добредојде на нашево поднебје. Кај нас, по последниве две екстремно чувствителни изборни катастрофи, токму спротивното победи. И, се додека имаме колумнисти и политички ликови кои само за да се убедат самите себеси дека се на вистинската страна на историјата, катаден ја повторуваат нивната замислена „скандинавска“ мантра, се знае колку е саатот.
Од референдумот наваму две работи излегоа вистинити:
Првата е дека ние, Македонците, сме спремни премногу лесно да простиме за нечистите политички игри кои ни ја кројат судбината нас и на нашите поколенија (читај: легитимно бојкотираниот референдум, потег кој нашиот мудар Фараон едноставно го изигнорира, како да не се случил). Но, личните Фараонските гласноговорници (колку да не речам полтрони), си изнајдоа добра бајпас-етика и за овој негов диктаторски потег. Имено, за овие наши белосветски „витези на демократијата“, бојкот едноставно значи согласност. Апсурдите се редат поагресивно од владин пропаганден материјал во поштенско сандаче.
Втората вистина е дека поради ваквиот исход, но и нашата пасивност кон истиот, светот абер нема што се случува кај нас. Светот мисли дека сето ова е одобрено од мнозинството, дека целиот овој хаос е доброволно одбран од сите нас. И дека мнозинството верува на фекалиите кои секојдневно излегуваат од Фараонот преку неговите промотерски анали.
И, колку да бидам на чисто, јас не би имал ништо против овие две вистини, но само доколку имавме решителност да си ги решиме проблемите сами. Но, за штета на реалноста, нашиот фокус за политички спас е кон некој добар актер од надвор. И кога веќе централна идеја ни е да побараме помош од надвор, тогаш паметно е да створиме реална дијагноза за нашата болест. Инаку, се што ќе добиеме е помош неадекватна за нашите проблеми.
Еве еден хипотетички и далеку од реалноста пример, колку за дискусија. Да речеме дека имаме проблем со руинирани училишта или можеби дека здравствениот систем ни се распаѓа, а од добрите Самариќани добиваме пари за, на пример, лубриканти за администрација. Звучи банално вакво нешто да се случи во една, макар и играчка држава, но служи како добра илустрација за тоа како можеме самите грешно да си ги приоритизираме проблемите.
Грешна дијагноза – грешен медикамент.
Но, да почнеме со референдумот, кој ни го донесе целото ова „северно“ фијаско. Помалку е срамно што оставивме така да помине оваа перверзија на демократските процеси, ова самоволие на веќе одамна
Но, да почнеме со референдумот, кој ни го донесе целото ова „северно“ фијаско. Помалку е срамно што оставивме така да помине оваа перверзија на демократските процеси, ова самоволие на веќе одамна дехидрираните хиени кои толку долго лиги лигавеа околу фотељата, што сега цели династии ќе прор’тат на народна сметка. И преголема штета е што незадоволство на мнозинството спадна на нескротлив гнев кај неколкумина, резултирајќи со крвави глави на политичари, глетка која масовното негодување го претстави само на маргинален, и пред се, насилен гнев. И овој гнев, нормално, можеше само да биде осуден како тероризам. Токму таква иронија носи неслогата, неединството, раздорот. Борбата ЗА својот идентитет да се сведе само на екстремистички криминален акт, ПРОТИВ твојот идентитет.
Вакви мислења преовладуваат помеѓу интернационалните политички аналитичари, каде генералниот заклучок е дека само „некои“ Македонци мислат дека поради неодамнешните Преспански блудничења идентитетот ни е пред целосно пеплосување. Небаре сите ние како и групата која начисто бојкотираше, и групата која во знак на бојкот се реши да ја поддржи „професорката“, некако сме само маргинална, екстремна фракција (А знаеме во каков политички систем мнозинството е принудено да ги следи каприциозните, небулозни владеачки желби на привилегирано малцинство. Но, тоа не е тема за денес).
И ако сево ова значи најостро да се осудат одговорните за тие настани од кои луѓе излегоа со искршени глави, тоа е лесно. Она што не наиде на никаква јавна осуда е фактот дека за мнозинството од нас (она мнозинство чии интереси не само што не беа застапени, туку и беа начисто прегазени со, и после референдумот), многу послатко беше да се пцуе пред телевизор или на интернет, отколку да се излезе надвор и едноставно да се застане пред нивните работни одаи. И ништо повеќе. Тоа е се што требаше да го направиме за да му покажеме на светот дека само луѓето кои се потесно поврзани со владеачката династија всушност го поддржуваат ова, искрено или не. Многу поголема бројка на луѓе јасно кажа дека не сака да учествува веќе во дволичните политички игри, дека мнозинството се реши веќе да не игра по старите правила. За останатите, многу полесно беше да се придружат на регресивниот конвој кон нашата политичка Недојдија.
Можеби и грешам за меракот за пцовки пред телевизорот, но важното е дека поради некоја причина ја испуштивме можноста јасно да му кажеме на светот дека не беше наша одлука Балканскиот бисер да си го потопиме во оцет. Не убедуваа дека не е вреден како бисерот на Клеопатра. Не натераа и да го испиеме. А сега, слушаме дека мора да кажеме и дека ни се допаѓал вкусот. А вкусот на бисерот што си го стопивме кулминираше со претседателските избори.
Ајде и да потонеме во сон за момент, и да речеме дека навистина вашата Скандинавска демократија некако, преку ноќ, осамна на нашиот праг. Што понатаму? Каква е вашата програма? Што освен виткање кичми, всушност понудивте? Што остваривте, освен кукавички отстапки, национални загуби, и политички порази? И дури ни тие отстапки не беа никогаш ваша лична перспектива. Се е само директива од Големото Европско Семејството од кое, патем, друго и не сме добиле. А некако изгледа и дека нема ни да добиеме. А вие? Вие сте само баграта која се сети да го искористи ветрот во грб. Ова е првата наша владеачка гарнитура за која искрено се надевам да не си ги исполни предизборните ветувања. И она што ме згрозува уште повеќе, не ви е доста што го добивте облогот на Клеопатра! Ликувањето и ароганцијата нема да ве остават мирни се додека сите околу вас не ја прифатат оваа Пирова победа под маската на некаков магичен прогрес. Ве горат погледите на изневерените околу вас, нацијата која упорно сакате да ја згрчите во нејзиното најпатетично и површно издание, и да ја откажете – со гордост и широка насмевка – од се она од што вие решивте да се откажете? Колку долго ќе можете да живеете во вашите самовозвишени меурчиња, правејќи се глупи и слепи кон раздорот кој го сеете, калта во која го давите вашето јато? Но, и тоа е во ред, затоа што според регресивните проповеди од Големото семејство, верувањето во „свое јато“ е еден од најстрого казнуваните смртни гревови.
Не знам дали ќе може уште долго вака. Кошмарите кои ги носите нема да го успијат народот. Напротив. Горчината од оваа Скандинавска перверзија која само неколкумина си ја нарекоа избори, нема да остане заборавена, ниту премолчена. Џабе сега ќе мавташ со метли, семоќен наш Фараону, кога тие метли баш најголемото ѓубре ќе го промашат. Очајнички обиди да се придобие неинформираниот, да се убеди неодлучниот. Но, единствениот начин вие, неизметланите навистина да си го исчистите образот и да сочувате каков-таков интегритет, е да поминате втора рака и да се исчистите од политичката сцена.
Денес, кога се бришат и последните траги од се она што до вчера го славевме како свето, кога почнуваме искрено да се срамиме од она што до вчера го знаевме како наша горда историја, можеби по пат на случајност, одбравме лидер кој нема намера да остави историјата да не срами. Тој ќе не срами во реално време, ќе не понижи до бол за да не мораме подоцна да ги увидуваме нашите пропусти.
Зарем постои појасен знак за очајот на една нација, кога таа „одбира“ лидер кој јасно, гласно, недвосмислено и непоколебливо ги нарече своите избирачи „стока“?
Премногу долго не силуваат овие црвено-плави регресивни политики, за кои сме само суровина, а нашата мила татковина е само тезга за ценкање. Останува да видиме колку брутално Пендаровски и Заев ќе не камшикуваат со нивната имплозивна идеологија, шупливи планови и третоодделенски манири.
Лошото е што Клеопатра ги поседувла двата најголеми бисери во светот, а нас ни беше само еден!
Доброто е што Клеопатра беше последна кралица на Египет. Крв да ни се стори оцедот!
Колумна за Поглед.мк Автор: Марјан Ќуринов – Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК / Conservative.mk