2.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Што го предизвикува чешањето по однос кај жените?

Добрите вести се што најчесто лесно можете да се ослободите од проблемот што го предизвикал чешањето.

Иако е навистина неудобно, чешањето после сексот не е невообичаена појава. Постојат неколку можни причини за чешање, како на пример сува кожа или алергиска реакција на латекс.

Но чешањето може да потекнува и од некои сексуално преносливи болести, па важно е навреме да откриете која е причината.

Сперма

Иако е многу ретка, постои алергиска реакција на протеините во спермата. Симптомите можат да се развијат при првиот сексуален однос, но и подоцна и со друг сексуален партнер.

Имено, можно е со еден партнер да имате алергиска реакција, а со друг не. Алергијата може да се појави и ако сте долго со ист партнер.

Симптомите најчесто се јавуваат во рок од 10 до 30 минути после контактот, а се манифестираат со чешање, црвенило, отекување, болка и пецкање.

Латекс

Алергијата на латекс е реакција на протеините кои се наоѓаат во латексот. Доколку ја имате оваа алергија, реакцијата може да се појави после контакт со кој било производ што содржи латекс, вклучувајќи ги и кондомите.

Благите симптоми вклучуваат чешање, црвенило и осип, а понекогаш дури и кивање, солзење и проблеми со дишењето. За среќа, денес постојат и кондоми без латекс.

Сувост на вагината

Сувоста е честа причина за чешање после секс. Може да настане сувост на срамните усни или сувост на вагината. Ова се случува кога вагината не произведува доволно секрет, а најчестите причини за ова се хормоналните промени.

Друга причина за сувост може да биде недоволна возбуда за време на сексуалниот однос, контрацепциски пилули и други лекови, или некои здравствени проблеми.

Покрај чешањето, за време на и после сексуалниот однос може да се појави болка, зголемена потреба за мокрење или инфекција на мочниот меур.

Нарушена рН вредност

рН е вредност која служи за мерење на киселоста и се мери на скала од 0 до 14. рН вредноста на вагината би требало да изнесува помеѓу 3,8 и 4,5.

Ова ниво на киселост создава заштитна бариера што го спречува настанувањето на штетните бактерии и воспаленија. Високата рН вредност го зголемува ризикот од вагинални инфекции, кои пак предизвикуваат чешање.

Други симптоми вклучуваат непријатен мирис и печење за време на мокрење. рН вредност може да се наруши поради незаштитен секс, антибиотици, доење и менопауза.

Полово преносливи болести

Постојат голем број полово преносливи болести што можат да предизвикаат чешање, а една од нив е трихомонијаза. Оваа инфекција предизвикува обилен вагинален исцедок со непријатен мирис, како и чувство на пецкање за време на мокрење или сексуален однос.

Друга болест што предизвикува чешање е кламидијата. Симптомите се обилен вагинален исцедок и пецкање, но многу луѓе не ги забележуваат на почетокот.

Гонорејата е една од најчестите полово преносливи болести. Доколку не се лекува, може да предизвика сериозни компликации кај половите огани. Првите симптоми вклучуваат болно мокрење, обилен исцедок и крварење од вагината.

Гениталниот херпес го сочинуваат два вируси – тип 1 и тип 2. Иако симптомите не се појавуваат секогаш, некои луѓе добиваат еден или повеќе пликови на или околу гениталиите, болки во телото и слично.

Гениталните брадавици понекогаш можат да се претворат и во рак. Тие можат да бидат остри, рамни или големи. Симптомите се чешање, пецкање и крварење, но секако не треба да паничите, туку само да се проверите доколку често се случува.

поврзани објави

Последни објави