Новинарот и уредник Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан се ослободуваат од обвинението за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково во случајот „Тревник“ на СЈО.
Пресудата, утрово во Кривичниот суд во Скопје ја соопшти судијката Марија Клетничка Марковска која го водеше овој предмет. Делото за кое се обвинуваат, рече судијката, не е кривично дело според закон.
Таа посочи дека во вакви случаи праксата е ако потои дивоградба и во текот на кривичната постапка истата се легализира, тогаш обвинението се повлекува. Таа наведе дека не постапиле институциите. Точно е дека институциите не постапиле навреме, но за тоа постојат законски одредби кои предвидуваат прекршочни постапки.
Обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска за медиумите изјави дека СЈО стои на ставот дека во случајот има кривично дело и оти ќе поднесат жалба во која ќе го оспорат сите наводи во ослободителната пресуда.
Пресудата ќе стане правосилна кога за жалбите ќе се произнесе Апелација. Судските трошоци ќе ги плати државата.
Случајот „Тревник“ е еден од двата случаи, заедно со „Топлик“ кој се однесува на даночно затајување, во кој Латас е обвинет од СЈО. Како што наведуваше СЈО во обвинението за „Тревник“, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно граделе без одобрение.