Речиси четири години колку што е на чело на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева нема пријавено никаква промена во имотната состојба. Гевгелиската обвинителка која во 2015 година се пресели во Скопје, а сега е дел од милионската афера „Рекет“, нема ни заштеда, ниту пак се подновила со нешто, пишува ИРЛ.мк
Единствената промена во имотната состојба која ја пријавила во Антикорупциската комисија била минатиот месец. На 13 јуни Јанева доставила информација дека има промена во имотот на децата, односно купено е половно Ауди А6 Кватро, потврдија за ИРЛ од Комисијата. Јанева не доставила договор за купопродажба на автомобилот, како што е согласно законот, но додала дека возилото е произведено во 2005 година и вреди 6.000 евра. Оваа промена е евидентирана во нејзиниот имотен лист на интернет страната на ДКСК.
Според имотната состојба која ја пријавила кога дојде на функција во 2015 година, Јанева е прилично задлолжена со кредити. Таа во 2014 и 2015 година подигнала три кредити во износ од 118.000 евра со период на враќање од 15 до 20 години. Јанева нема стан во Скопје. Но, има неколку сметки во банка на кои има вкупно 107.000 евра. Има куќа во Гевгелија, земјоделско земјиште во село Мрзенци, плац во село Конско и стар Ровер и Голф 4. И плата од околу 3.000 евра во СЈО.
Јанева не можеше да сокрие дека е „изгубена“ во првите месеци откако беше избрана за шефица на СЈО. Од анонимна обвинителка во Гевгелија стана звезда во Македонија. Но, секогаш на прво место ја истакнуваше скромноста како нејзина карактерна особина. Кога во 2017 во документарецот „Трите“ раскажуваше за нејзиниот приватен живот, Јанева не се срамеше низ Гевгелија да вози велосипед, да оди на пазар, да шета без обезбедување. Прашана за нејзините идни планови тогаш Јанева изјави:
„Би сакала да продолжам со мојата прифесија. Имам уште енергија за нови предизвици. Ќе има уште време да покажам од моите организациски, професионални и стручни квалитети. Но, не одрекувам дека би можела да се обидам во политиката, како градоначалник во Гевгелија или пратеник“, беа тогашните планови за иднината на Јанева.