37.8 C
Skopje
Sunday, July 14, 2024

Што значи тоа за Македонија: Одлука може да падне во секој час – Ќе има ли размена на територии на Косово

Пред два дена Рамуш Харадинај поднесе оставка на премиерската функција на Косово. Сега претседателот Хашим Тачи останува без главниот конкурент. Дали оваа ситуација ќе ја актуелизира повторно идејата за размена на територии, коментира Вилма Филај-Балвора

Дваесет години по војната на Косово многу рани остануваат отворени, повеќето злосторства неказнети, а помирувањето на Србите и Албанците не е на повидок. Затоа и беше важно основањето на Специјалниот суд кој во петокот се најде во фокусот: Со повикот до премиерот Рамуш Харадинај новиот трибунал веднаш цели кон самиот врв на ОВК.

Тоа е вторпат Харадинај доброволно да заминува во Хаг. И првиот пат, во 2005 година, од истата причина поднесе оставка. По неговото ослободување поради недостаток на докази остана сомнежот дека сведоците биле заплашувани и убивани. Харадинај во Приштина беше дочекан како национален херој.

Новата оставка на Харадинај би можела да има далекусежни последици за Косово- со заминувањето на главниот играч се изместува тежиштето на моќта. Особено во дијалогот со Белград сега во Приштина ветерот ќе дува од друга насока: Харадинај одлучно се спротивставуваше на размена на територии-идеја која ја застапуваа Хашим Тачи и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Со својот став за ова прашање Харадинај освојуваше политички поени на Косово и во странство, особено во Германија која беше отворено против идејата за менување на границите.

Харадинај се најде под голем меѓународен притисок откако неговата влада воведе 100-процентни царини на увозот од Србија. Оттогаш дијалогот запре- но со него и можната размена на територии. Тврдоглавоста порано или подоцна скапо ќе го чинеше Харадинај, а Хаг само го забрза неговото заминување. Но, неговата одлука да замине во Хаг е исправна и консеквентна.

Сега, Хашим Тачи и неговата Демократска партија остануваат без главниот противник во спорот околу дијалогот со Белград. Сега повторно би можел да се подгрее предлогот за кој се говори повеќе од една година- територија во замена за признавање.

Договор кој би одел во овој правец без широк консензус во Косово не би бил добар сигнал за долгорочно и одржливо решение на косовскиот дијалог.

Специјалниот суд за воените злосторства на Албанците за време на судирите на Косово во петокот направи силен чекор во правец на правно соочување со минатото. Тоа е охрабрувачки сигнал за Косово.

На политичките последици на оставката на Харадинај веројатно нема долго да се чека- во дијалогот со Србија би можело да има позитивни поместувања. Но по секоја цена треба да се избегне гнил договор врз основа на актуелната политичка слабост на Косово.

поврзани објави

Последни објави