Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска прими делегација на Вооружените сили на Република Бугарија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал Андреј Боцев.
На средбата била потврдена соработката меѓу армиите на двете земји, но и целокупната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија на одбранбен план, при што било констатирано дека на тој начин двете држави придонесуваат за стабилноста и безбедноста во регионот.
Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, потенцирал дека искуството на Вооружените сили на Република Бугарија, како земја-членка на НАТО, може да биде од корист за Армијата на Република Северна Македонија.
– Претседателот Пендаровски истакна дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, потпишан во август 2017 година, внесе позитивна динамика во севкупните билатерални односи, стои во соопштението.
Средбата, шефот на државата Пендаровски ја искористил да му се заблагодари на генералот Боцев за поддршката од Бугарија за аспирациите на Северна Македонија за членство во НАТО, потврдена со ратификацијата на Пристапниот протокол за членство во Алијансата од страна на Собранието на Република Бугарија во февруари годинава.