Коста Петров, познат како автор на популарни книги за самопомош и поранешен експерт за односи со јавност во кабинетот на Арбен Таравари, и Нина Ангеловска – директорка на „Групер“ – фирма за продавање на производи на интернет, ќе бидат новите потпретседатели на СДСМ, пишуваат медиумите.
Изборот на Петров и на Ангеловска се очекува да биде потврден вечерва на седницата на Централниот одбор на партијата. Се очекува Нина Ангеловска – директорката на „Групер“ да биде предложена и за нов министер за финансии. Ангеловска е предложена за министер за финансии по укажувањето од Антикорупциската комисија дека премиерот Заев не може да биде и претседател на Влада и министер за финансии.
Освен Петров и Ангеловска за потпретседател на СДСМ ќе биде предложена и министерката за труд Мила Царовска. За потпретседатели ќе бидат предложени и министрите Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски и пратеникот Мухамед Зеќири, кои и досега ја извршуваа функцијата – потпретседател на партијата.
Фросина Ременски нема повторно да биде предложена за партиска функција.
И градоначалниците на Скопје и на Штип, Шилегов и Бочварски кои исто така беа потпретседатели, нема да бидат повторно именувани.
Костадин Костадинов, портпаролот на СДСМ беше недостапен да ги потврди наводите во медиумите за имињата на новите потпретседатели и министерот на финансии.
Извор: Лидер