Во конструктивна и коректна дискусија и дебата помина првиот ден од седмиот состанок на мешовитата македонско бугарска експертска комисија што се одржува во Софија.
Членовите на Комисијата работеле по претходно разменетите предлог идеи за усогласување на препораки за учебниците за седмо одделение во Северна Македонија и шести клас во Бугарија.
Постојат сериозни разлики во однос на пристапот и разбирањето на средновековната историја и во однос на терминологијата и користењето на одредени термини во учебниците кои се однесуваат на средновековниот период, потврдија за МИА извори од Комисијата.
И покрај разликите членовите на Комисијата усогласиле некои забелешки во однос на општите проблеми кои постојат во учебниците во двете држави и имале можност, како што велат оттаму, да си укажат едни на други што е тоа што им пречи од тие учебници.
Ова, како што велат од Комисијата, е многу важно за да им се овозможи на двете страни да развијат чувство за начинот на кој другиот гледа и го вреднува минатото.