4.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

НАТО: во согласност со барањата утврдени од страна на претседателот, сега се собрани доволно потписи на пратениците

Северно-атлантската алијанса денеска излезе со соопштение по повод последните политички настани во Република Македонија, барајќи одржливо решение за излез од долготрајната политичка криза во земјата, јави дописникот на МИА од Брисел.

Откако во текот на вчерашниот ден еврокомесарот за проширување Јоханес Хан побара доделување на мандатот за составување на Влада на лидер на партиите кои имаат мнозинство односно доволно потписи за состав на нова Влада, денес тоа го направи и НАТО образложувајќи дека, во согласност со барањата на претседателот, сега се собрани доволно потписи.

„На самитот во Варшава во јули 2016 година, НАТО ги повика сите политички лидери во БЈР Македонија за целосно спроведување на обврските од договорот од Пржино, како рамка за одржливо решение на политичката криза. Декемвриските избори во 2016 година беа забележани од страна на меѓународните набљудувачи како суштински чекор во решавање на кризата. Тие беа оценети дека се добро организирани и без поголеми инциденти. По еден обид да се формира влада, сега е објавено дека, во согласност со барањата утврдени од страна на претседателот, сега се собрани доволно потписи на пратениците“, се вели соопштението на НАТО

Од таму ги повикуваат сите страни да се воздржат во своите изјави и дејствија и да донесат одлуки за доброто на сите граѓани.

„НАТО останува посветен на членството на БЈР Македонија во Алијансата, во согласност со одлуката донесена на Самитот во Букурешт во 2008 година и сојузничките изјавите дадени на следните самити на НАТО“, се завршува во соопштението на Алијансата.

поврзани објави

Последни објави