6.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Реакција од МБП: Колку и да ја сакате власта – останете луѓе!

Македонското – Бугарско пријателство со реакција и повик до јавноста:

Деновиве низ социјалните мрежи кружи една скандалозна и неприфатлива за ничиј здрав разум фотографија од потонатиот во Охридското езеро, брод „Илинден“ со текст „Време е за четвртиот Илинден“.
Здружението за „Македонско-бугарско пријателство“ потсетува дека на потонатиот брод „Илинден“ пред неполни 8 години, загинаа 15 туристи од Република Бугарија. Овој немил настан воедно е и најголемата трагедија што некогаш се случила во водите на Охридското езеро.
Според нас пораката на фотографијата: „Време е за четвртиот Илинден“ е дел од „герила војната“ на социјалните мрежи помеѓу двата „завојувани“ политички табори во нашата земја. Борбата е жестока и како што гледаме не познава граници. Тука сме должни да истакнеме дека, ние не знаеме кој си дозволил да си поигрува на ваков ужасно невкусен начин со душите на загинатите туристи. Не знаеме, дали авторите на таа фотографија се свесни за тагата, што ќе ја предизвикаат кај фамилиите на трагично загинатите. Овде не се работи за заземање страна, во овој случај нашата Организација е децидна: Ниту една политичка борба за власт не смее да ја загуби својата хумана природа. Колку и да ја сакате власта ве повикуваме да останете луѓе.     Истиот повик важи и за напаѓачите на новинарите од синоќешниот протест, пред Собранието на Република Македонија. Тепањето на медиумски работници е напад врз слободата на изразувањето и размената на идеи и ставови. Слобода за која се бори и посветено работи нашата организација. Нашето здружение ги осудува овие напади и повикува за брзо откривање на сторителите и нивно соочување со правдата и на цивилизирано однесување од страна на главните политички играчи.
Би сакале да се обратиме кон авторот или авторите на оваа ужасна фотографија:
– Ја преминавте секоја граница на хуманото однесување. Вашата бизарна „духовитост“ се коси со сите општочовечки и морални вредности. Ниедна функција или ситен политички интерес неможе да го оправда вашето дело. Пред вас имате доволно материјал, што можете да го искористите во вашите борби за политички поени и мобилизација на вашите приврзаници. Грозната иронија со трагедијата на 15 невини и никому недолжни луѓе не е начинот, да се исмејува било кој и било што. Не е хумано, не е цивилизирано и не на последно место не е нормално.
Нашата организација јавно ја осудува оваа „творба“ и повикува на повеќе разум и разбирање кон членовите на семејствата на загинатите туристи. Болката и празнината откако некој близок ќе те напушти нема рок на траење. Таа останува засекогаш, затоа „бркањето“ политичка „сатира“ од било каков тип, на грбот на загинати луѓе за нас е недопустливо.
Нашиот апел кон сите политички табори е да не забораваат дека освен интереси, постојат и човечки судбини и чувства. Држете ги, вашите раце подалеку од болката на луѓето!!! Срамните испади зачувајте си ги за интерна употреба во вашите партиски штабови и не парадирајте со вашата морална беда во социјалните мрежи и останатите медиуми достапни за широка маса на луѓе.

поврзани објави

Последни објави