Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски во своето гостување на емисијата ТОП – Тема на Телма Телевизија одговараше на прашања за и околу двојазичноста, за тоа што е договрено меѓу СДСМ и ДУИ и како СДСМ ќе формира Влада, ако се земе предвид одлуката на Иванов да не го довери мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Во моментот ако го видите законот за употреба на јазиците во судските одлуки, во актуелниот закон во чл 5 и чл 7 имате разработено како се употребува албанскиот јазик во судските органи, во општата управна постапка, во парничните постапки. Нема ништо ново, што не било предвидено во законските решенија кои веќе ги имаме. И денеска албанците во Република Македонија имаат право да бараат нивните постапки да бидат на албански јазик. Тоа веќе се остварува било каде на територијата на Република Македонија.
Секој Албанец што оди во суд, дали во Делчево, Куманово или Берово, тој има право да добие преведувач, во однос на овој јазик. Ова сега постои. Од овој аспект на употреба на јазикот може да слушнеме шпекулации со цел ВМРО-ДПМНЕ да ја избегне нивната одговорност“, рече Спасовски
Новинарката на Телма, Снежана Лупевска Созен упати директно прашање за двојазичноста на амблемите на полициските службеници односно дали нивниот амблем ќе биде двојазичен, и на македонски и на албански јазик.
Спасовски не сакаше директно да одговори директно на ова прашање, при што истакна дека тие со ДУИ разговарале за генералните правци, за сите можни аспекти кои ќе ги разработеле откако ќе го добиеле мандатот.
„Ние имаме двојазични лични карти, патни исправи, тука нема дилема. Не можам да ги разберам поставувањата на прашања од изманипулирани граѓани, кои велат дека ја бранеле Македонија од двојазичноста. Како ќе ја браниме Македонија од двојазичноста, кога таа веќе е двојазична, прашува Спасовски.
Во Охрид кај што нема 20 % албанци називите на институциите се испишани и на албански и на македонски јазик, истакна Спасовски, притоа покажувајќи фотографии од институции чии написи на табли се напишани и на македонски и на албански јазик.
Спасовски не сакаше да одговори директно ниту на прашањето дали постои можност таблите на влезот во Република Македонија односно на граничните премини, пример од страна на Куманово, да ги пишува и на македонски и на албански јазик.
Лупевска инсистираше Спасовски да одговори дали банкнотите ќе бидат двојазични како што се шпекулираше во медиумите.
Тој повторно се обиде да го избегне прашањето, односно како што кажа самиот, не сака да одговори на ваквите прашања кои според него, се базираат на шпекулации.
Во однос на одлуката на Иванов, Спасовски нагласи дека Иванов покажал дека не е татко на нацијата и се наврати и запраша зошто Иванов не бараше Груевски да се откаже од платформата пред да му го довери мандатот, како и зошто Груевски не побарал 61 пратенички потпис од Груевски како гаранција дека има мнозинство во Собранието на Република Македонија, нагласувајќи дека се работи за двојни аршини, кои ВМРО-ДПМНЕ и Иванов обожавале да ги практикуваат, кога ним тоа им одговара.