6.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Истражната комисија на Обединетите Нации со извештај за битката за Алепо!

Истражната комисија на Обединетите нации објави извештај во кое се наведува дека сириските безбедносни сили минатата година напаѓале цивили во Алепо со отровен гас хлор. Извештајот е објавен само еден ден откако  Кина и Русија ставија вето во Советот за безбедност на ОН против предлог резолуцијата за воведување санкции кон Сирија, поради наводна употреба на хемиско оружје.

Извештајот, што е претставен пред Советот на ОН за човекови права во Женева, се повикува на очевидци, лекари и видео снимки, според кои стотици цивили настрадале од хемиски бомби во септември и во декември минатата година во Алепо.

„Земајќи предвид дека сите објавени инциденти се резултат на фрлени бомби од воздух, се заклучува дека таквите напади се извршени од сириското Воено воздухопловство“, тврдат истражителите.

Обединетите нации направиле истражување, а врз основа на истото е констатирано дека и двете страни во битката за Алеопо извршиле воени злосторства.

Како пример се наведува случајот кога сириското Воено воздухопловство бомбардирало конвој со хуманитарна помош, при што загинале 14 хуманитарни работници. Во секојдневните воздушни напади од сириски и руски авиони врз квартови во Алепо што биле под контрола на бунтовниците, во периодот од јули до декември минатата година загинаа стотици лица и уништени се болници.

Според истрагата во  густо населените квартови се фрлани касетни бомби, но истата не може да утврди кој е одговорен за тоа – руското или сириското воено воздухопловство.

„Провладините сили со најмалку 5.000 борци го држеа под опасада источниот дел на Алепо, служејќи се со тактиката предај се или гладувај“, се посочува во извештајот.

Но, во извештајот се наведува и дека при нападите на опозициските сили врз западниот дел на Алепо загинале или се повредени десетици цивили. Бунтовниците не им дозволувале на цивилите да побегнат во источно Алепо, користејќи ги како жив штит и напаѓале станбен курдски кварт.

„Тие две дејствија се воени злосторства“, заклучуваат експертите на ОН.

поврзани објави

Последни објави