11.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Конзервативците на Ангела Меркел со мала предност пред социјалдемократите!

Конзервативците на германскиот канцелар Ангела Меркел имаат предност од еден процент пред социјалдемократите (СДП) покажува најновата анкета на „Емнид“ за весникот „Билд ам зонтаг“, на приближно седум месеци пред федералните избори во Германија, пренесоа британските медиуми.

Демохристијанската унија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија, Социјалнохристијанската унија (ЦСУ) имаат поддршка од 33 отсто од избирачите, еден процент повеќе во однос на СДП, покажа истражувањето на јавното мнение, што беше спроведено меѓу 23 февурари и 1 март.

Антиимигрантската Алтернатива за Германија ја зголеми својата поддршка за еден процент и стигна до 10 проценти, додека рејтинзите на Левите и Зелените останаа непроменети – со „стабилни“ осум, односно седум отсто доверба.

Слободната демократска партија загуби еден процент во споредба со претходната анкета на „Емнид“ и има поддршка од шест проценти, што е малко над прагот (пет проценти) за влез во Парламентот.

Растот на поддршката за конзервативците на Меркел ја следи нараснатата поддршка за СДП по номинирањето на поранешниот претседател на Европскиот Парламент, Мартин Шулц, за нејзин кандидат за канцелар во трката против Меркел, на изборите закажани за 24 септември.

Неочекувано силниот скок на рејтингот на СДП и падот на ЦДУ/ЦСУ некои германски медиуми ги натера да пишуваат за „заморот на Меркел“ и недостигот на ентузијазам, што таа го покажува во годинешната кампања.

„Ангела Меркел изгледа незграпно, како еден од оние диносауруси кои не успеале навреме да се приспособат и можеле само беспомошно да ја очекувават сопствената егзекуција“, напиша колумнистот Јакоб Аугштајн за неделниот број на списанието „Шпигел“.

Но, новата анкета на „Емнид“ и другите во текот на последната недела покажаа дека конзервативците на Меркел се стабилизираа и веќе се еднакви или дури имаат и минимална предност пред социјалдемократите.

поврзани објави

Последни објави