Македонскиот бренд Вардар е гордост на целата земја, бидејќи успешно ја претставува Македонија, како во фудбал, така и во машки и женски ракомет.
Сепак, овој викенд тимовите одиграа крајно сомнителни натпревари, што ги натера фановите да помислат на „црни игри“ од страна на раководните лица на клубовите. Идентично за сите три натпревари е што тимовите на Вардар имаа предност, но подоцна ги загубија средбите.
Се започна со ракометарите на РК Вардар, кои беа поразени на гостувањето кај Мешков Брест со 30:26. „Црвено-црните“ имаа позитива во првата третина од средбата, но подоцна одиграа многу неодговорно и сосема заслужено беа поразени на гостувањето во Белорусија.
Сомнителните средби продолжија со фудбалот, каде во Охрид тимот на Победа го пречека лидерот ФК Вардар. Тимот од Скопје беше апсолутен фаворит во оваа средба, а на полувреме имаше и позитива од 0:1. Следуваше неочекуван пад во играта на актуелниот шампион, по што Победа успеа комплетно да го сврти натпреварот и да дојде до значајна победа од 2:1.
За крај, бледото издание на вардаровите тимови го потврдија девојките од ЖРК Вардар, кои беа декласирани на гостувањето во Франција од Мец со 42:28. Девојките на Дејвис беа добри само на стартот, кога имаа 4:7 и 5:8, но потоа следуваше серија на домаќинот кој му го нанесе највисокиот пораз на ЖРК Вардар во тековната сезона.
Интересно е тоа што сите тимови во овие натпреварувања беа лидери во групите. По поразите, РК Вардар и ФК Вардар остануваат лидери, додека тимот на ЖРК Вардар падна на втората позиција во својата група.
На официјалните страни на социјалните мрежи на тимовите има огромен број на негативни коментари од навивачи на ФК, РК и ЖРК Вардар. Дали сето ова е само случајност или не, ќе покаже иднината.