Поранешниот министер за правда, Михајло Маневски во изјава за „Дневник“ реагира на најавите и заканите од СДСМ дека ќе се врши генерален реизбор на судиите, кој тој ги нарече недолични и небулозни, а кои имаат за цел да ги исплашат судиите. Според Маневски, нема уставна и законска основа за генерален реизборн на судиите.
Ни европските закони не знаат за генерален реизбор
„Се изразува грубо непочитување и навреда на судот во судница и надвор од судница. Се манипулира со одржување на судски рочишта и се измислуваат разни причини за нивно одложување и по десетина пати и тоа токму од тие кои повикуваат на генерален реизбор на судиите. Целта е јасна, да се избегнува одговорноста. Специјалните обвинителки пред неколку дена не го почитуваа и го навредија судот во судницата на ОС Скопје 1 и заминаа насмеани како победнички. Нека го прашаат господинот Џес Бејли, како ќе поминеа ако така се однесуваа во некоја американска судница. Таму за непочитување и навреда на судот директно од судницата се оди во затвор најмалку 30 дена. Ако тие не го почитуваат судот, како очекуваат тие да бидат почитувани?“, прашува Маневски.
Според Маневски, секогаш кога СДСМ е на власт, првата работа со која се зафаќа е токму реизборот на судиите.
„Судиите многу му сметаат и сака веднаш да расчисти со нив. Пред неколку дена во дебатна емисија еден од нивните главни идеолози изјави дека нема што да се чека и веднаш треба да се разрешат, како што тој ги нарекува, „сваровски“ судиите и итно да се разреши Судскиот совет на РМ! Тоа го кажа со леснотија, ама не кажа како тоа може да се направи и по кој Устав и закон. Од него тоа и не може да се очекува, бидејќи него не го интересираат ниту Уставот ниту законите. С` уште се задушува од песокот што го собираше како тогашен министер за внатрешни работи да го открие атентаторот на Претседателот во 1995 година, но не успеа“, вели Маневски за Дневник
Поранешниот министер за правда потенцира дека во амандманот 26 од Уставот точно се определени условите за престанување на судската функција и за разрешување на судијата. Судијата се разрешува поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.
„Никаде во наведениот амандман на Уставот, во Законот за судовите и во Законот за судскиот совет на РМ не се предвидува генерално разрешување или генерален реизбор на судиите. Генерален реизбор на судии не познава ниту едно законодавство во Европа. Недозволиво и срамно е во ова време една партија да се заканува со генерален реизбор. Една соседна држава, пред неколку години изврши генерален реизбор на судиите, но судиите што не беа реизбрани покренаа постапка и со пресуда на Европскиот суд за човекови права се вратени на своите работните места. Гаранциите за избор и разрешување на судиите предвидени во Уставот и Законот за судовите се во функција на јакнење на независноста и самостојноста во вршење на судската власт и брана од вакви непромислени барања. Тоа се нормативи и стандарди на ЕУ што Република Македонија ги вгради во своето законодавство“, вели Маневски.