6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

ВИДЕО+ФОТО: Фудбалот – некогаш и сега

Пеле и Марадона денес не би можеле да играат ниту во трета лига“
„Меси и Кристијано Роналдо пред 30 години би давале по пет гола на натпревар“
„Лесно му беше на Кројф да игра бидејќи тогаш не постоеше одбрана“

Постојат многу стереотипи кога станува збор за фудбалот, но овие се едни од најчестите кога љубителите почнуваат да зборуваат и да го демонстрираат своето „знаење“ за и околу фудбалот.

Фудбалот како игра настанал уште во 19. век, но како професионален спорт, лишен од било каков вид на аматеризам, мораме да го набљудуваме по Втората светска војна, особено по формирањето на европскиот куп (сега Лига на Шампиони). Дека таквиот фудбал во никој случај не треба да се разликува од денешниот говорат повеќе факти, па дури и тоа што постојат разлики, тие се мизерни во споредба со приказните кои ги пратат.

Кога зборуваме за најдобрите времиња на фудбалот, често може да се дојде до конфликт и изборот паѓа меѓу имињата на Пеле и Марадона, но сепак кај поголемиот дел од љубителите на фудбалот владее мислењето дека тие двајца не само што не би доминирале во денешниот фудбал, туку и не би можеле да играат во овој „пеколен“ ритам, каде и да успее да издрибла еден одбранбен играч, другите веќе ќе го соборат на земја и нема да му дозволат да се доближи до противничкиот гол.

Освен по нивните супериорни технички карактеристики, она што Пеле и Марадона биле познати се нивните атлетски карактеристики. Пеле на 100 метри истрчал под 11 секунди, што и ден денес би го ставило во рангот на најбрзите фудбалери во светот. Бидејќи Пеле има одиграно 60 натпревари годишно може да се каже дека тој биле доста физички подготвен играч. Она што го разликува тогашното време од денешното, се и околностите што тогашните екипи не можеле да ги менуваат често своите стартери, па така тие биле приморани да го изиграат целиот фудбалски меч, без разлика на нивната физичка подготвеност.

Доколку некој му замери на Пеле зошто не играл во Европа, треба да се земе во обзир дека тогаш странците во било која екипа биле вистинска реткост. Тогаш во италијанската фудбалска лига играле најдобрите италијански фудбалери, во шпанската фудбалска лига најдобрите шпански фудбалери, а во германската фудбалска лига најдобрите германски фудбалери.

Замислете, сега Кристијано Роналдо целата своја кариера да ја помине во Спортинг, Меси во Бока Јуниорс, Робен во ПСВ, Тиаго Силва и Марсело во Сантос.

Во тогашното време ретко кој бразилски фудбалски играч ја напуштал својата татковина и сите бразилски фудбалери играле во својата домашна лига (Пеле, Гаринча, Ривељино, Нилтон Сантос, Жито, Диди, итн) Еден од најдобрите бразилски фудбалери кои играле во Европа бил Жаир да Коста. Тој беше стандарден и еден од главните играчи на Интер кој два пати по ред ја освои Европа, а за Бразилската фудбалска репрезентација одиграл дури цел еден натпревар.

Тогаш бразилската лига беше многу јака, па Пеле немаше потреба да се докажува во Европа. Тој во натпреварите со европските тимови има импресивен ефект – 204 гола во 195 натпревари!
Добар дел од овие голови ги постигнал во пријателски натпревари, но мора да се напомене дека пријателските натпревари во тоа време имале далеку поголемо значење – биле главниот извор на приходи на бразилските клубови, од причина што телевизиската покриеност била помала од денес, интернетот беше сон, а стадионите преполни и премали за да ги соберат сите фанови, при што натпреварите беа се, само не пријателски.

Колку и да се добри Меси и Кристијано Роналдо, и тоа што хек – трикот им стана нормална појава, прашање е какви фудбалери би биле тие пред 40 години на стадионите ширум Европа.

Првата и главна разлика меѓу некогашниот фудбал и денешниот (модерен) фудбал е заштита на играчите – денес секој груб старт се санкционира беспрекорно со жолт картон па играчите се трудат да играат повнимателно од страв поради суспензија. Во времето кога Пеле доминираше во фудбалскиот свет, жолти и црвени картони речиси и да не постоеа и големите фудбалски мајстори мораа да трпат исклучително груби стартови на тогашните бекови, а за физичките неподготвените играчи место во тимот немаше. Во 1966 година на Светското првенство во Велика Британија, португалските играчи беа толку остри, што Пеле речиси во „инвалидска состојба“ мораше до крај да го изигра фудбалскиот натпревар бидејќи замени во тоа време не беа дозволени. Бразил тогаш ја изгуби титулата.

Одбранбените играчи во тоа време не биле толку слаби како што се прикажува на снимките на кои Пеле и Марадона дриблаат по 5-6 играчи без никакви проблеми, напротив, тие биле вешти и силни играчи како што се Бекенбауер, Боби Мур, Фигероа, Шнелингер, Факети и многу други.

На сите им е познат Паоло Малдини, како еден од најголемите бекови кои играле досега и како симбол на долговечноста, бидејќи фудбалската кариера на врвно ниво му траеше речиси цели 25 години. Дури на свои 40. години на својот грб, тој се справуваше со најдобрите напаѓачи во светот, а кога бил млад, вели дека неможел да се справи единствено со аргентинецот Марадона. Прашањето е како денешните бекови, од кои ниту еден не е квалитетен како големиот Паоло, би се носеле со чудесниот Аргентинец.

Во спортот како што е фудбалот, физичките карактеристики (во смисла на големина) и не се толку важни и не претставуваат голем проблем како кај другите спортови, бидејќи многу од играчите кои се најдобри на светот не можат да се пофалат со својот раст и физичка големина, како што е онаа на Меси, Пирло, Иниеста, Нејмар, Робен, Чави, Давид Силва, Ројс, Насри и многу други..Сите тие се играчи под просечната висина или градба особено кога станува збор за физичките дуели, но тоа воопшто не им пречи да бидат велемајстори во оваа игра, бидејќи фудбалот пред се, се игра со главата, талентот и интелигенцијата кои секогаш ќе бидат во предност во однос на висината и физичката големина, бидејќи како што вели Сер Алекс Фергусон „Големите играчи може да играат во било која генерација“, без разлика дали тие се совршени спортисти со извонредна техника и атлетско тело како она на Кристијано Роналдо, Анри или се слаби, ниски играчи кои фудбалот го држат во малото прсте како Меси, Жика или пак Роберто Баџо.

Фудбалот – некогаш или сега? Ова прашање ќе биде поставувано и ќе биде предмет на дискусија уште долги години, но она што е најважно е дека фудбалот како спорт од секогаш бил во фокусот на вниманието кај љубителите на спортот, и тоа од самиот почеток па се до ден денешен. 

поврзани објави

Последни објави