Премиерот вчера имаше едночасовна средба каде што е договорена смената на актуелните министри кои треба да ги координираат јунските избори
На вчерашната едночасовна средба на премиерот на Албанија Еди Рама со министрите од редовите на владејачката Социјалистичката партија и партиските координатори на дванаесетте околии, потврдено е заминувањето на уште тројца министри.
Освен првиот полицаец, односно министерот за внатрешни работи, Саимир Тахири, заминуваат и Илир Беќја, министер за здравство, Бледи Чучи, за локална самоуправа и национален координатор за антикорупција и Бленди Клоси, министер за социјални работи, јави дописникот на МИА од Тирана.
Според партиските образложенија, министрите ќе бидат задолжени за кампањата за јунските парламентарни избори и тоа Тахири за околијата Тирана, Клоси за околија Берат, Чучи за Ѓирокастро и Беќај за околиите Кукс и Тропоја.
Експресно на веста за заминувањето на министрите реагираше лидерот на опозициските демократи, Љуљзим Баша, нарекувајќи ги „грозна карикатура“
„Она што се случува неколку метри подалеку од нас е една грозна карикатура на самонаречената Преродба. Тој изгради опасен сојуз. Тоа е сојуз меѓу политиката и криминалот. Ова е криминалот на оваа партија, изјави Баша посочувајќи дека не е задача на Рама да ја наполни својата канцеларија со „ќупови од кал“.
Опозицијата, која веќе 23 дена протестира пред владата во Тирана, а заминувањето на Тахири и најавите за нови смени беше одбележано со оро и песна, во знак на „почетокот на крајот на криминалната Влада“.
Веста за оставката на првиот албански полицаец Саимир Тахири, опозициските демократи ја примија со голем ентузијазам, јавува дописникот на МИА од Тирана.
Тоа за нив е почеток на крајот на „криминалната банда во владата“.
„Колку и да се трудат да прават игри за да се спасат, ова е само почеток на заслужениот крај на бандата која почна како „алијанса за отпад“, а ќе замине како банда на корупција, криминал, канабис, причинител на сиромаштијата и невработеноста на Албанците. Ништо не може да ги спаси“, смета демократот Кастриот Ислами, актуелен пратеник и поранешен шеф на албанската дипломатија.
Агенцијата Балкан веб јави дека во понеделник од владата заминуваат и други министри, меѓу кои и Дитмир Бушати (МНР), Дамиан Ѓикнури (енергетика),Линдита Никола (образование), Мими Кодели (одбрана), пренесува МИА.