fbpx
9.8 C
Skopje

Турција упати протестна нота до Холандија поради случувањата во Ротердам

АКТУЕЛНО

Турција денеска на холандскиот дипломатски претставник во Анкара официјално му вреачи нота со која протестира поради акцијата на полицијата во Ротердам против „турските демонстранти во текот на изминатиот викенд“.

Како што соопшти турското Министерство за надворешни работи во дипломатската протестна нота се истакнува дека полициската интервенција била несразмерна и се бараат правни мерки поради неприменото однесување на полицајците.

Холандската полиција вчера употреби кучиња и водени топови за растерување на неколкуте стотици демонстранти, кои носејќи турски знамиња, се собраа пред Конзулатот на Турција во Ротердам за да протестираат поради забраната на холандските власти за учество на турски министри на собири на Турците во градот.

Видеата од самиот настан покажуваат и дека полицајците тепале со пендреци некои од демонстрантите.

Според холандските власти, полицијата интервенирала кога демонстраните почнале да фрлаат со шишиња и камења кон полицајците.

Протестите беа организирани откако во саботата холандските власти одбија да му дозволат слетување во земјата на авионот на шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу, кој требаше да говори на митинг во Ротердам, а подоцна од Холандија беше протерана и турската министерка за семејни прашања Фатма Бетул Сајан Каја. Тие требаше да говорат на собири што ги организираат властите во Анкара со цел да ги поттикнат Турците во странство да гласаат на референдумот за уставни измени, со кои треба да се зголемат надлежностите на шефот на турската држава.

Холандските власти денеска упатија предупредување до Холанѓаните што живеат и престојуваат во Турција да внимаваат на својата безбедност, поради зголемените тензии во односите меѓу Анкара и Хаг.

„Од 11 март 2017 година меѓу Турција и Холандија постојат дипломатски тензии. Избегнувајте собири и прометни места во цела Турција“, се наведува во предупредувањето.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -