Министерот за одбрана Зоран Јолевски во Битола на свеченоста по повод годишнината од завршувањето на средното воено образование на Мустафа Ќемал Ататурк, каде воедно беше промовирана и публикацијата „Турско-македонските односи низ историјата“, истакна дека заедничка историја дава бројни светли примери за соработка и добро пријателство, кои се и основа врз која се гради стратегиското партнерство помеѓу двете земји, истакнувајќи дека Република Турција и дава силна поддршка на Република Македонија од прогласувањето на независноста па се до ден денешен.
„Република Турција ѝ дава силна поддршка на Република Македонија од прогласувањето на независноста, Турција нè поддржува и на нашиот пат на трансформација во контрибутор кон глобалниот мир и безбедност и прераснување во рамноправен партнер на НАТО, истакна Јолевски.
Публикацијата која беше промовирана денеска претставува заеднички проект на двете министерства за одбрана започнат во 2010 година. На повеќе од 600 страници, во два тома и три јазика – Македонски, Турски и Англиски, публикацијата содржи научни трудови на 14 професори од двете земји. Публикацијата опфаќа трудови за Турците во Македонија, развојот на македонскиот идентитет, соработката помеѓу христијаните и муслиманите, османлиските реформски планови во Македонија, културното наследство во Македонија од османлискиот период и многу други. Делото опфаќа и трудови кои се фокусираат на соработката во доменот на одбраната од 1991 година.
На свеченоста присуствуваше заменик амбасадорот на Република Турција во Македонија, Зејнеп Ѓундуз, турскиот бригаден генерал Сулејман Ертизман, заменикот на Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај и други високи гости.