fbpx
11 C
Skopje

Ретроспективата на нескротливиот Мазев е голем настан за македонската култара

АКТУЕЛНО

Повторно, како на сите изложби во минатото на големиот уметник Петар Мазев, и синоќа на ретроспективата по повод 90 години од неговото раѓање, редици посетители чекаа да ги погледнат неговите експресивни дела во Даут-пашиниот амам, на Националната галерија на Македонија

Како што рече директорката на Галеријата, Дита Старова Ќерими, јавноста има можност за прв пат во интегрална форма да го види Мазев и со повеќе дела кои досега не биле изложувани. Националната галерија по долги истражувања подготви и , како што беше посочено, најсеопфатна монографија за обемното дело на Мазев, на 240 страници со текстови на видни историчари на уметноста.
Професорот Симон Шемов, како роднина и пријател зборуваше за нескротливата енергија на Перо Мазев, за неговата ерудитивност што ја разлеваше околу себе, за неговата дружељубивост, љубовта кон луѓето, кон човекот кој е централна фигура во неговото творештво.„Драго ми е што од жив пример јас и мојата генерација учевме колку е самостојна ликовната уметност, и дека таа не треба да се потчинува на другите уметности и медиуми. Со творештвото на Мазев македонската култура доби неповторлива вредност која ги преминува националните граници“, рече Шемов на отворањето на изложбата.

Државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири зборувајќи за значењето на Петар Мазев и неговата улога во современата македонска култура, посочи дека Министерството за култура ќе настојува токму на ваков начин да им оддаде почит на најзначајните градители на уметноста во Македонија. „Нашата поддршка кон овој тип на проекти и претставување на нашите најзначајни уметници ќе продолжи и ќе се засили. Великаните на уметноста во Македонија заслужуваат нивните дела да бидат претставени достоинствено пред граѓаните. Тие претставуваат вистинско уживање за вљубениците во сликарството, но и значајна алатка за културно и уметничко издигнување на идните генерации“, рече Азири.
Од името на Националната галерија на Македонија на членовите на семејството Мазеви им беа доделени благодарници, а тие заблагодарувајќи се, изразија нескриена почит кон верната публика и додадоа дека Македонија само преку културата и уметноста може да оди напред.

Големата ретроспективна изложба на Петар Мазев во Даут-пашин амам ќе биде отворена до средината на јануари, а се планираат и патувачки изложби.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -