fbpx
17 C
Skopje

Почина маестро Саша Николовски-Ѓумар

АКТУЕЛНО

Попладнево во Скопје, ненадејно, на 50-годишна возраст почина еден од најистакнатите диригенти и професор на Факултетот за музичка уметност, маестро Саша Николовски-Ѓумар.

Саша е син на еден од најистакнатите македонски композитори и педагози од повоената генерација, Михајло Николовски, и брат на диригентот Вања Николовски-Ѓумар, кој живее и работи во Америка. А Саша е еден од најомилените и најaктивни актуелни диригенти на македонската сцена, кој ја прослави македонската современа музика и исполнителство со голем број гостувања надвор од земјава.

Eнергичностa и човечноста на Саша, кој беше и боем, поет и сликар, ја паметат и публиката и сите ансамбли во земјава, зашто речиси да немаше некој со кој тој не соработуваше. Сестран и расположен за сите жанрови и различни проекти, Ѓумар ќе го паметиме по настапите со Македонската филхармонија и по претставите во Македонската опера и балет, по настапите на Мајските оперски вечери, на Деновите на македонската музика, на Охридско лето, но и по концертите со што ги започна уште како уметнички раководител на академскиот хор – „Мирче Ацев“. Потоа беше уметнички директор и шеф диригент на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, а веднаш по дипломирањето основач и диригент на Интернационалниот оркестар за современа музика – „Синтезис“ – , уметнички директор и диригент на ансамблот за современа музика „Св. Софија“ и Македонскиот камерен оркестар.

Саша е роден во Битола кадешто го почнува музичкото образование, а на ФМУ дипломираше музичка теорија и педагогија во 1991 година и диригирање во 1993 година, во класата на професор Фимчо Муратовски.

Во 1991 година добитник е на наградата „Франк Манинг“ – за најдобар студент на Универзитетот – „Св. Кирил и Методиј“.

Во 1996 година Ѓумар специјализираше на Конзерваториумот „Николај Римски Корсаков“ – во Санкт Петерсбург во Русија кај престижните професори Илја Мусин и Михаил Кукушкин, редовно соработувајќи со светски реномираните диригенти Јуриј Темирканов и Валериј Гергиев. Во 1999 година ги завршува постдипломските студии на Музичката академија – „Панчо Владигеров“ – во Софија, кај професорите В. Казанџиев и Б.Хинчев.

Остварил бројни гостувања во Србија, Бугарија, поранешна Југославија, Русија, Франција, Романија, Унгарија, Австрија.

Маестро Саша Николовски – Ѓумар е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои и наградата –„ Георги Божиков“ – во 2001 година, која ја доделува СОКОМ за најуспешна изведба во рамките на манифестацијата ДММ.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -