Претседателот на општинската организација на СДСМ, Мартин Костовски ги отфрли обвиненијата дека токму тој го иницирал инцидентот што синоќа се случил на маршот „За заедничка Македонија“.
„На синоќешниот протест еден од учесниците кој возеше трактор се обиде да ме испровоцира при моето поминување по улицата, претпоставувам дека намерата му била да изреагирам бурно со што би дошло до поголем инцидент. Кога се приближив до тракторот тој почна неконролирано да додава гас и да создава врева.Јас му кажав дека не е во ред тоа да го прави, при што тој излезе со чекан во рака, се обиде да ме удри, но јас ја задржав врата и започнавме вербална комуникација. Тука заврши целата препирка. Ниту имало физички контакт, ниту некој бил удрен и поврден“, истакна денес на прес-конференцијата во седиштето на СДСМ, Костовски.
Како што истакна самиот Костовски, најмногу од се го повредила лагата дека тој псуел „мајка македонска“.
„Почитуван пријателе што вчера изјавивте дека сум ве нападнал, пред да фрлите камен на друг запрашајте се дали се човечко е исчезнато во вас. Јас сум Македонец, моите родители се Македонци, роден и образован во држава која ја сакам и за која се борам да биде слободна, демократска и среќна. Со крената глава јас сум горд Македонец“, додава Костовски.