Царинските инспектори во соработка со Министерството за внатрешни работи вчера на граничниот премин Блаце, пронашле и заплениле 20 килограми марихуана, сокриена во возило што го управувал македонски државјанин.
Како што соопшти денеска Царинската управа, возилото вчера околу 10.30 часот се пријавило за влез во земјава.
„При прегледот на возилото, во задните врати на комбито помеѓу лимот и тапацирот, поточно во левата и во десната задна врата и во внатрешноста на моторот биле пронајдени 42 пакувања, со вкупна тежина од околу 20 килограми. Сите пакувања биле наполнети со растителна материја, а при нејзиното тестирање со тестер за дрога добиени се индикации дека се работи за марихуана. Сите подготвени документи, дрогата и лицето се предадени на службени лица од Министерството на внатрешни работи за понатамошна постапка“, стои во соопштението на Царинската управа.