Претседателот на Турција денеска испрати остра порака со која ги предупреди Европејците ширум светот дека нема да можат безбедно да се движат по улица доколку не го сменат ставот кон Турција.
„Ако Европа продолжи на ваков начин, ниту еден Европеец во било кој дел од светот нема да може безбедно да се движи по улица. Ние, како Турција, ја повикуваме Европа да ги почитува човековите права и демократијата“, порача Ердоган.
Ваквата порака на Ердоган доаѓа откако претходно Турција влезе во дипломатски „конфликт“ поради забраната на Германија и Холандија на турските министри да им се обраќаат на турските државјани кои живеат таму, на собирите организирани со цел да се обезбеди поголема поддршка пред одржувањето на референдумот следниот месец за проширување на овластувањата на турскиот претседател.