fbpx
18.8 C
Skopje

Чие дело е Платформата?

АКТУЕЛНО

Пишува: Драган Алчинов

Драмските автори во своите текстови честопати користат некој неочекуван настан или лик кој одненадеж се појавува во драмското дејствие и носи решение на заплетот или ситуацијата кои инаку изгледаат нерешливи. Во литературата овие настани и ликови кои прават неочекуван пресврт во дејствието се нарекуваат со латинската фраза ,,Deus ex machinа”, алудирајќи на тоа дека авторот искористил некое натприродно, вештачко и нелогично решение на заплетот. И вообичаено ликот или настанот искористен како Deus ex machine во драмското дејствие се појавува за да ги спаси главните ликови и приказната да заврши со среќен крај за нив.
Платформата потпишана од албанските партии се појави на 7 јануари и во јавноста беше претставена како основа на партиите на Албанците во преговорите за формирање на новата влада. Во прв момент Платформата воопшто не доби значително медиумско внимание. Никој не ги осуди потписниците на Платформата, ниту пак за Иванов Платформата беше пречка да се додели мандатот за отпочнување на преговорите за состав на Влада.
Изненадувачки Платформата беше речиси исклучиво насочена кон подобрување на статусот на албанската етничка заедница во Република Македонија. Изненадувачки велам затоа што за етничките права речиси и да не се разговараше изминативе години; напротив Македонија беше потресена од скандалот со прислушувањето и наодите од нелегално прислушуваните разговори и немаше ни време ни волја ни интерес да се разговара за правата на етничките заедници и нивниот статус. Се чинеше дека Охридскиот рамковен договор ја постигнува својата цел и преку него се дава можност за целосна интеграција на етничките заедници во општеството. Платформата не е во интерес на етничките Албанци кои живеат во Република Македонија. Како прво, многу од барањата во Платформата се неуставни. За да станат дел од правниот поредок треба да се случат измени на Уставот- а за такво нешто не само што не постои политичка волја туку не постојат ни технички можности. Таквите крупни промени на државното уредување бараат долги и опсежни јавни дискусии и не можат да се донесат и спроведат преку ноќ. Од друга страна, како Платформата ќе им го подобри животот на етничките Албанци? Всушност, тие не ни гласаа за Платформата. Платформата е пост-изборен документ. Според зборовите на граѓаните од Арачиново: тие бараат канализација, а не федерализација на земјата. Веројатно сево ова објаснува и зошто Албанците воошто и не излегуваат на контра-протести во одбрана на Платформата против Тврдокорните! Сево ова упатува на тоа дека Платформата е неприродна и вештачки наметната за да предизвика криза на меѓуетничките односи и да го дефокусира вниманието од суштинските теми.
Се’ до донесувањето на Платформата Република Македонија пред себе имаше една цел: повторно воспоставување на уставниот поредок, враќањето на владеењето на правото и легитимитетот на институциите. Но, од 7 јануари наваму тежиштето на јавниот дискурс се промени. Ако до 7 јануари фокусот на политичките случувања беше расчистување со криминалот и корупцијата, од 7 јануари наваму акцентот се’ повеќе се изместува кон етничките прашања. Некои сили успејаа борбата за враќање на уставниот поредок и инкорпорацијата на уставните вредности да ја претстават како борба за проширување на правата на етничките заедници. Пропагандата базирана на лаги и полувистини, поткрепена со ,,сечени, лепени, монтирани’’ видео материјали успеа да внесе страв од албанизација на Македонија и на крајно нехуман и неодговорен начин се обиде да ги воскресне духовите од минатото.
Со тоа Платформата стана главна причина за дистракција на вниманието на јавноста и ја доби улогата на Deux ex machina во целото театарско дејствие. Токму Платформата е причината поради која Иванов не го додели мандатот за состав на Влада на Зоран Заев откога стана јасно дека Груевски не успеа во таа своја амбиција и покрај долгите преговори и прифаќањето на барањата на ДУИ. Онаа трагикомична турбофолк толпа која речиси цел месец (освен за викендите!) протестира по улиците тврди дека токму Платформата е причината за нивниот револт, иако никаде ги немаше во деновите додека Груевски преговараше за формирање Влада. Всушност тие не знаат што точно бараат и за што се залагаат, па за да се пополни празниот идеолошки простор се пеат македонски народни песни и се играат ора. Чукаат тапаните, свират зурлите, бучат тракторите и комбајните, се држат некои празни патетични говори- но сево ова е без јасна поента и суштина. Нивните протести не престанаа ни кога Зоран Заев јавно ја обзнани Програмата на идната Влада- Програма која има статус на официјален документ и во кој не стоеше ниту едно од барањата истакнати во Платформата на албанските политички партии.
Неспорно е дека Платформата служи како Deux ex machina, односно како дистракција од вистинската криза во Република Македонија. Но, кој е авторот на Платформата? Кој стои позади неа? Чие дело е Платформата? Кој е главниот режисер на најновата македонска политичка криза?
Кога античките римски правници ќе дошле до ситуација во која немаат јасен одговор го поставувале прашањето ,,Cui bono?”- односно ,,Кој добива нешто од ова?’’ Во нивната мудрост, старите Римјани сметале дека оној кој нешто добил од некоја ситуација е оној кој имал мотив за да ја предизвика истата.
И сега ако го пренесеме римското форензичко прашање во контекстот на македонската политичка ситуација и особено го примениме на Платформата- треба да се запрашаме: ,,Кој добива нешто од Платформата?’’ Кој добива нешто од тоа да ја држи државата во пат позиција? Во чиј интерес е максималното усложнување на ситуацијата? Кој добива од дефокусирањето на вниманието на јавноста?
И се разбира одговорот на прашањето Cui bono е: Никола Груевски и неговиот корумиран режим. Поигрувајќи си со етничките чувства на граѓаните, предизвикувајќи тензии, ширејќи лажна пропаганда и страв Никола Груевски успеа да го измести тежиштето на кризата.
Можеби еден ден ќе слушнеме некоја ,,бомба’’ во која Груевски и Ахмети си честитаат Среќна Нова 2017 година и воедно ги договараат деталите од Платформата. Платформата е онаа Deux ex machina која режимот ја користи за да го одвлечка вниманието од суштинските теми, да ја претвори кризата од институционална криза во криза на етничките односи и да го завитка сопствениот криминал во македонското знаме претставувајќи се себеси како големи патриоти и бранители на националните интереси. Платформата и сите нејзини последици се едно неприродно дејствие вештачки наметнато во сижето на македонската политичка драма. По се’ изгледа дека иако Груевски не успеал да стане професионален актер сепак се задржал во театарската професија- но, не само како актер туку и како режисер! И како режисер во своето театарско дело ја користи Платформата за да воведе неочекувано дејствие во претставата и да поттикне ненадеен расплет. И сето тоа, се разбира, во своја полза.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -