Убаво е да се гради, но убаво е да се изгради и автопат во источна Македонија.
Изминатиов период посебно е актуелен процесот за градба на автопатите односно Коридорите 8 и 10. Се изнаслушавме секакви пофалби од власта, но и секакви критики од оние од опозицијата.
И постојано слушаме кој е подобар, кој како правел, кој згрешил а кој не, колку пари чинело ова, колку чинело тоа. Се кажуваат некакви милионски суми за кои се зборува со години. И додека се зборува за овие патишта кои стварно мора да ги има, кои се неопходни за развој на државата, никој од политичарите не си го поставува следново прашање.
А што е со изградба на автопат во источна Македонија каде што секој ден се иселуваат цели семејства. Зарем таму не живее народ?
Не сум експерт за асфалт, не знам колку треба да чини, како треба да биде изведена постапката, но факт е дека нашиве политички структури ниту еднаш досега не излегоа со јасен став односно обединувачки став барем по околу еден крупен проект. Кога велам крупен мислам на било каков проект, без разлика дали е инфраструктурен проект или пак „политички“ проект од кој зависи иднината на државата, каков што е процесот со уставните измени.
Градејќи ја западна Македонија и Скопје, ја запустеа источна Македонија. Таа е на маргините на државата, стандардот на населението е на дното. Нема квалитетна инфраструктура, а токму поради тоа и нема никакви инвестиции. Немањето услови за развој на овој регион ги натера не само младите, туку и цели семејства да ја напуштат земјата.
Оттука, навистина е дилема дали надлежните размислуваат на прашањето: А кога источна Македонија ќе дочека автопат? Кога овој регион ќе дојде на ред?
Живее ли таму народ според властите?