Градоначалникот на Македонска Каменица Димчо Атанасовски соопшти убава вест за учениците во каменичката деветолетка.
Во продолжение го пренесуваме неговиот статус:
Заедно со директорот на Општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“, Виктор Георгиевски разговаравме за изнаоѓање на начини и преземање на потребните чекори на институциите, за воведување на задолжителна училишна облека за учениците во каменичката деветолетка. Како што стои и во мојата програма и програмата за работа на локалната самоуправа, се надевам, дека многу наскоро заедно со директорите на училиштата, наставниот и стручниот образовен кадар, со поддршка од родителите и од сите чинители во заедницата, ќе успееме во намерата за сите ученици да обезбедиме бесплатна училишна облека.
Целта на овој проект е сите ученици да бидат облечени во иста облека и да се навикнат на соодветен кодекс на облекување. На тој начин, училиштата во Македонска Каменица ќе ги достигнат стандардите на училиштата од останатите градови во државата и европските метрополи.
Со воведувањето на бесплатната училишна облека се очекува да се постигне и чувство на еднаквост помеѓу децата. Да нема поделби и разлики помеѓу нив во начинот на облекување, а од друга страна, обезбедуваме намалување на трошоците за родителите при купување на гардероба.