6.8 C
Skopje
Tuesday, November 28, 2023

ВОЗАЧИ НА ЈСП „СКОПЈЕ“ ВЕЌЕ ГИ ПАКУВААТ КУФЕРИТЕ В сабота 30 шофери тргнуваат за Словенија, а оттаму за Германија

Веќе в сабота 30 поранешни возачи на ЈСП „Скопје“ заминуваат за Словенија каде што ќе треба да ги подигнат кодовите кои им се потребни за да може да возат во ЕУ, а оттаму ќе се упатат кон Мајнц, Германија до нивните нови работни места.

Ова за Плусинфо го потврди синдикалецот Маријан Поповски кој нè информира дека ова е првиот контингент шофери кои го напуштаат претпријатието, а другите што потпишале договори со германската компанија, ќе заминуваат етапно.

– Можам да ви потврдам дека веќе в сабота 30 наши колеги заминуваат за Словенија, а оттаму за Германија. Вкупната бројка на возачи кои ќе го напуштат ЈСП е околу 100 и сите треба да одат во германскиот град Мајнц бидејќи имаат потпишано договори – вели Поповски.

На нашето прашање дали оние возачи кои веќе имаат потпишано за германската компанија имаат дадено откази во ЈСП, тој ни одговори дека не дале, туку кога ќе добијат датум за заминување, тогаш ќе ги поднесат отказните решенија.

Од ЈСП „Скопје“ вчера пристигна демант за претходно објавениот текст во Плусинфо, во кој што пишуваше дека нема возачи кои дале отказ поради заминување во странство и дека претпријатието има доволен број возачи за ЈСП да може нормално да функционира.

Но и ова тврдење од страна на ЈСП „Скопје“ беше негирано од Поповски.

– Заминувања на возачи од ЈСП има во последните неколку месеци, а и ќе продолжат да си одат, бидејќи не се задоволни од условите за работа. Доколку е во ред и има доволно возачи, зошто тогаш претпријатието има распишано нов оглас за вработување? Нема точна бројка колку шофери се бараат, но моја претпоставка е дека раководството сака да ги вработи оние 60 возачи кои во моментов се кај нас, а се ангажирани преку агенција – додава Поповски.

И покрај тоа што веќе подолго време во ЈСП не цветаат рози, нешто за што Плусинфо редовно информираше, претпријатието преку вчерашниот демант упатен кон нас, најверојатно сака да ја покрие лошата слика во која се наоѓа.

– Точно е дека си заминуваат возачи и дека ќе продолжат да работат во некоја странска компанија. Нормално е возачите да си заминат по неисполнувањето на законските обврски на претпријатието, намалувањето на основната плата, неисплатата на прекувремените часови, хранарината и уште куп проблеми. Во денешно време секој си избира да замине онаму каде што ќе му бидат понудени подобри услови за работа – уште еднаш ни повтори Поповски.

поврзани објави

- Advertisement -
- Advertisement -

Последни објави

- Advertisement -