Во условите во кои што живееме сега, како македонски народ, во денешна (според Устав) Репубика Северна Македонија, македонецот мора длабоко и сериозно да размисли, не како да се одбрани од бугаризација, ами како да се одбрани од албанизација. Ние и надвор од ЕУ, остануваме во процес каде што македонизмот ќе мора да го брани некој друг, а не македонецот.
Демографската статистика во Македонија, статистичките податоци за тоа колку македонци (посебно млади) живееле во Македонија во 2001, а колку живеат во 2023, покажува дека ние имаме проблем дома. И тоа не било каков проблем. Ние имаме еден катастрофален период во кој што во 2023 година имаме луѓе кои што бараат премиер по етничка основа, а не по квалитет, и тоа внимавајте само на 100 дена, не поради квалитет, туку поради тоа што треба да го задоволат нивниот дискурс на воздигнување на албанскиот политички фактор во земјава.
Македонска политичка партија трпи етничко водење и зависност од страна на политичка партија која што буквално повеќе од 18 години е на власт, не поради тоа што е многу генијална во поглед на водење на политика која носи подобар живот за граѓаните Македонци, Албанци или било какви други граѓани на оваа земја, туку поради тоа што се уште се води по некои други политики од минатото. Имаме политичка партија која нема никаква поврзаност со македонскио национален идентитет, а чии претставници водат процес кој што разговара не само за уставни измени, туку и за историјата на македонскиот народ. Истовремено, имаме скандали на дневна основа, во здравство, во образование, во поглед на економијата, каде што буквално граѓаните не велат дека „живеат подобро“, туку се чудат како да врзат крај со крај и да го истераат месецот. Секојдневно слушаме приказни за ЕУ, гледаме рејтинзи на партии, гледаме како наводно „цените паѓаат, а народот живее исто како во Швајцарија”, се повторува една иста приказна во која гледаме две спротиставени страни чија главна дебата се сведува за ЕУ, а ниту еден од нив не гледа што реално и е потребно на Македонија за да ја добие ЕУ овде ДОМА, во сопствената татковина.
Зборуваме постојано за еднакво и едно општество за сите, но од друга страна постојано се зборува за избор на функционери, вработувања, напредувања по етничка основа, но не по бугарска, туку по албанска. Имено, не бара бугарска партија во Македонија 100 дена бугарин премиер на Македонија. Имено, не беше Бугарија таа која во 2001 со оружје се крена за да бара сопствени права и да инфилтрира политичари од тоа време чиј глас денес е на врвот во македонскиот политички живот. Имено, не беше Бугарија таа која во дебатни емисии на национални македонски телевизии велеше дека УЧК владее со македонската Влада. Можеме да продолжиме и до бескрај да зборуваме за едни вакви настани и обраќања, но бесцелно е. Тоа е така бидејќи наративот дека само Бугарија ни е непријателот, а сите други ни се пријатели не води кон еден процес од кој што можеме тешко да заглавиме како држава и да останеме во еден круг само со Албанија, Косово и евентуално Србија. Тука секако ќе мораме да бираме сопствен пат, и покрај тоа што сме членка на НАТО.
И додека политичарите ја верглаат приказната за ЕУ, постојано го слушаме тоа низ секојдневните нивни дебати, мене ме плаши дека можноста да се задржат младите во Македонија, но и цели семејства секојдневно е се помала бидејќи тие и не гледаат надеж дека состојбата во Македонија ќе се подобри. А и како би се подобрила кога гледаме дека премиерот наместо да се занимава со сериозните теми, здравство, економија, образование, инвестиции, подобар економски живот, поголеми плати, инфраструктурни проекти, се шета по маркети објаснувајќи како Вучиќ во Србија како тоа цените се намалени, како тоа ние овде треба да бидеме среќни со економските политики на Владата итн итн…
И додека сето ова се случува, вие имате студентски дом во кој што 4 години е затворена вратата поради тоа што некој ветил дека ќе се реновира, но цел мандат помина а од реновирање ја нема ни буквата „Р“.
И додека сето ова се случува вие имате здравство во кое се продаваат лекови на црниот пазар од пациенти чиј живот зависи токму од ова, имате образование во кое нема учебници за учениците, имате проблем со инвестиции, имате проблем со поскапувања кои се случуваат на дневна основа, имате статистчки податоци кои ќе видите дека младите македонци од источна Македонија ги НЕМА, буквално цели градови се преполовени по однос на бројот од пред 20 години. Вакви примери можеме да набројуваме до утре, но не би за зборовите, туку за делата.
Затоа, почитувани политичари – ДЕЛА, а не зборови за ЕУ!