13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

ПОГЛЕД ИНТЕРВЈУ: Лефков – Ковачевски е “врзан и сопнат” кога е во прашање ДУИ!

Интервју на „Поглед.мк“ со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков

ПОГЛЕД: Г-дин Лефков, се појавија анкети во јавноста за рејтинзите на партиите. Она што е впечатливо во овие анкети е дека Ковачевски во едната, а Мицкоски во другата анкета имаат видливо водство. Колку анкетите се злоупотребуваат во политички цели и како граѓаните можат да веруваат на овие истражувања?

“Неизбраниот“ премиер Ковачевски, покрај тоа што донесе огромни порази за државата и тоа на полето на економијата, здравството, надворешна политика, правдата, владеење на правото и севкупното раководење на институциите, успеа дополнително да го урниса угледот на партијата на која е на чело и онака лошиот углед успеа да го претвори во еден вртоглав пад на рејтингот на СДС.

Јавноста е сведок дека овој тренд на слободен пад на рејтингот на СДСМ, од раководството се обидуваат да го ублажат со ПР тимови и со скапо платени реклами на социјалните медиуми, да се потсетиме дека Ковачевски е своевиден рекордер кога станува збор за т.н. “спонзорирана/платена поддршка“ на своите објави на ФБ па затоа во тој манир им е и последниот ПР потег ама овојпат наместо платена поддршка на ФБ видовме нарачана анкета од омилената им агенција за мерење на јавното мислење, Стратум Рид. Овојпат „спонзорирана поддршка“ е платена не за реклама на ФБ туку е платена за да биде изразена во т.н. “измерено јавно мислење“. Да потсетиме, фирмата Стратум Рид, во неколку наврати добива пари од скандалозните исплати на Фондот за иновации.
Нема човек во државава кој им верува на оваа скапо платена “контра-анкета“ на “неизбраниот“, ама во СДС се очигледно нервозни и очајни од рејтингот кој го имаат, па пробуваат самите себеси да се лажат со нарачани анкети.
Останува фактот дека во моментов ВМРО-ДПМНЕ, ужива два и пол пати повисок рејтинг од СДСМ, додека нејзиниот лидер, Христијан Мицкоски, има речиси четири пати повисок рејтинг од премиерот Ковачевски. Ковачевски го чека неизбежен изборен дебакл и, ако веќе толку си верува во нарачаните бројки тогаш нека излезе на избори, па да види колкава доверба уживаат меѓу граѓаните. Изборите се најуверливата анкета!

ПОГЛЕД: Постои ли уште дилемата дека со измените на КЗ се враќа Никола Груевски во Македонија и дали еден таков политичар, кој се смета за бегалец од правдата, кој има низа обвиненија и судски процеси против него, како и правосилна судска одлука за затвор, може било како да учествува во процес на вметнување на бугарите во Уставот, како и да им влее надеж на вашите противници дека може да влијае врз рејтингот на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ?

Власта повеќе од една година, шири лажни вести и шпекулации поврзани со процесот на Уставни измени под бугарски диктат. Започнаа со лажни вести од типот “располагаме со информации дека опозицијата ќе гласа за…“, “Власта обезбеди поддрка од неколку пратеници…“, “Разговараме со секој поединечно…“ и сл.
Ваквите злонамерни наслови најчесто произлегуваа од изјавите на високи партиски функционери во ДУИ и СДСМ(Артан Груби, Маричич, Ковачевски…), меѓутоа Собраниската седницата, која се оддржа на 18.август а на која требаше да се усвои потребата за промена на Уставот покажа и докажа дека сите пратеници во Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата се сплотени и цврсто решени дека нема отстапување ниту милиметар од волјата на народот и од националните интереси на Македонија.

Седницата на 18-ти август беше своевиден пресврт во односот на власта кон ова прашање. Талат, спротивно на сите правила, ја одложи Собраниската седницата во недоглет, а со тоа и потребата за измени на Уставот остана “затрупана“ во самоволието на Џафери. И наместо Уставна разврска, како што очекуваа сите, драмата во Собрание продолжи со скандалозно, против уставно и против деловничко менување на К.З. каде со “европско знаменце“ се укина став 5 од чл.353 кој се однесува на “злоупотреба на службена положба“, се укина делото “злосторничко здружување“ ама и значително се намалија казните и рокот на застареност на делото од чл.353.
Со сето ова Владата на СДС и ДУИ постепено признават дека и самите веќе постепено се откажуваат од Уставните измени и влегуваат во процес во кој фокусот на Владата се префрла на воведување и потврдување на неказнивоста како принцип.
Останува чувството дека измените во КЗ и Законот за Амнестија за кој и самите најавуваат амандмани и вмешувањето на поранешни политичари во процесот дополнително потврдува дека крими здружението во Владата очекуваат дека промоцијата на “неказнивост“, треба да им обезбеди одредени бенефити.
Од една страна треба да им обезбеди неказнивост и амнестија на нивните функционери за сите криминали во изминативе 7-8 години, во кои години треба да споменеме дека потрошија над 24 милијарди и 600 милиони евра!

Од друга страна треба да обезбеди и веќе обезбеди застареност за одредени судски предмети кои долга низа на години беа користени за политички ПР, беа користени за инсталирање на Специјални Обвинителства и политички прогон. За жал со ваквиот принцип на неказнивост, дел од политичките “жртви“ ги претворија во свој политички “плен“.
И од трет аспект, или третиот бенефит од ваквото однесување на Владата треба да биде разочараноста кај обичниот човек која сака правда и правна држава. Се надеваат дека политичкото самоволие на власта ќе предизвика апатија и неверување во можноста за нормален живот во Македонија.

Меѓутоа ваквиот план на ДУИ/СДС е осуетен и разобличен и сметам дека ќе допринесе за уште поголем пораз на следните избори, е тој пораз на СДС ќе биде најголемиот бенефит за народот.

ПОГЛЕД: Стоите ли уште на ставот дека сите ваши пратеници нема да попуштат и да прифатат уставни измени под вакви услови и дали можеби можеме да се надеваме дека во идниот период, ВМРО-ДПМНЕ може да добие гаранции како политичка партија, со која пратениците ќе можат да го променат својот став и да гласаат за уставните измени? Има ли вакви сигнали од меѓународната заедница во овој дел и предлог на вашиот претседател Христијан Мицкоски?

Промена на Уставот на под бугарски диктат нема и нема ни да има.

А кога станува збор за нашето барање на гаранции, можеби најдобар доказ дека сме на вистинскиот пат и дека она што го говориме има свое значење и тежина е и последниот предлог на работната група за институционални реформи во Европската унија.

Извештајот насловен „Пловење по отворено море: Реформирање и проширување на ЕУ за 21. век“, е изработен по неколкумесечна анализа од работна група составена од 12 експерти формирана од владите на Франција и Германија, „локомотивите“ на Унијата, и треба да ја добие поддршката од земјите членки. Во извештајот се предлага за затворање на преговарачките поглавја во процесот на пристапување во ЕУ во иднина да се одлучува со квалификувано мнозинство со цел да се поедностави самиот процес на преговори.
Ваквиот начин на одлучување, односно гласање со квалификувамо мнозинство наместо едногласно одлучување ќе ги спречи најавите на Бугарија за дополнителни услови во процесот на преговарање.

ПОГЛЕД: ВМРО-ДПМНЕ односно Груевски владееше 11 години со Македонија, а на студентите му текна дури пред да замине од власт, а зад себе како премиер остави руиниран студентски дом во кој студентите живеат во мувла, со искршени прозорци и тоалети, во услови како од ХОРОР филм. СДСМ ветуваше студентски град, модернизација на студентските домови, реконструкција на постоечките домови, но еве и после седум години од нивното владеење, реализација на ваквите ветувања нема. Како пратеник од истокот, можете ли да им ветите на идните академски граѓани дека ВМРО-ДПМНЕ доколку дојде на власт, ќе биде вистински поборник за овие прашања и дека темата “студентскиот живот во Македонија” нема да ја стави под тепих, туку ќе се бори да им овозможи достоинствени услови за студирање на студентите во Македонија?

За жал премногу политика на сметка на студентите во Македонија.

Оваа власт која преставува своевиден рекордер во расипничкото трошење и задолжување, континуирано крати од буџетите кои се предвидени за капитални инвестиции за студентите. Наместо инвестиции младите гледаат како континуирано се крати од студентскиот стандард како се кратат средствата за реконструкција и изградба на студентски домови и енергетска ефикасност.
Во програмата на Владата е ветен студентски град во Скопје со спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес центри. Дополнително ветена е и нова студентска зграда во Автокоманда преку јавно-приватно парнерство, универзитетски кампуси во Битола, Штип и Тетово, како и зголемен капацитет на постојните домови. Меќутоа не постои архива која може да ги пронајде сите ветувања за изградби и модернизации на студентските домови, но овие фрази, проследени со милионски суми, многу лесно излегуваа од устите на политичарите од власта насочени кон студентите.
Но, бројките покажуваат дека од година во година ветувањата на властите завршуваат во катастрофални потфрлања. Безмалку при секое „кроење“ на буџетите, јавните пари наменети за подобрување на состојбата со македонските студентски домови погрешно се проектираат па потоа се кратат со ребалансите.

Во изминативе години при секој буџет и ребаланс, најмалку 5 до 10% од сите предложени амандмани на Буџетот од страна на Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата се однесуваат токму на овие прашања, со што јасно и недвосмислесно е покажана нашата намерата да обезбедиме силен студенстки стандард и да ги насочиме буџетските средства во Капитални инвестиции во инфраструктура која им е потребна на студентите.
Покрај немањето инвестиции во студенстките домови во Македонија се случува и сериозен пад на квалитетот на високото образование со оваа власт на СДС и ДУИ. Нема инвестиции во науката, нема инвестиции во образованието, нема инвестиции во човечкиот капитал и кадарот на универзитетите.Се случува целосен распад на системот. Се е пуштено во удолница со оваа власт. Идната Влада предводена од ВМРО ДПМНЕ ќе стави акцент на развој на образованието во целост а особено акцент на високото образование и на развој на науката.

ПОГЛЕД: Битиќи се навреди од прашање на новинар за тоа дали ДУИ би ја преземало целата власт во нивните раце, па демонстративно ја напушти пресконференцијата на која зборуваше Ковачевски. Зарем не е срамно во 2023 година да зборуваме дека албанците во Македонија се дискриминирани или навредни од било кого, ако се земе предвид дека токму тие ги уживаат сите права како и македонците, дури и како политички партии се речиси повеќе од 17 години на власт, и во време на ВМРО-ДПМНЕ, но и сега во време на СДСМ. Кој е вашиот личен став во однос на ова прашање и дали можеби македонските политички партии во однос на овој дел треба да бидат посплотени бидејќи сепак се добива впечаток дека и едниве и другиве кога се на власт, сте зависни од ДУИ како политичка партија?

На прашање кое е последица на написи по Македонските портали, а тоа е дека ако нема “изборен“ цензус за претседател, дали тоа значи дека Таљат ке биде претседател, Али премиер а со тоа целата држава предадена во рацете на ДУИ…
Прашањето беше за ДУИ, не за албанци, не за македонци, турци, роми…мора да престане еднаш ставањето на знак на равенство помеѓу ДУИ и албанците во Македонија ама еве гледаме дека тој тренд на ДУИ-ЗАЦИЈА на институциите, и на севкупниот општествен живот силно е подржан и од коалициониот им партнер СДС.
Битиќи веднаш по прашањето вознемирен, рече цитирам “јас не треба да стојам на вакви прашања“ и театрално веднаш ја напушти прес конференцијата (видеото сте го гледале сите), за да премиерот дали во одбрана на својот колега или во одбрана на ДУИ рече, цитирам “Прашањето беше апсолутно некоректно…“

Се наметнуват повеќе прашањања, зошто СДС упорно ги преставуваат ДУИ и Али Ахмети како преставници на сите албанци, зошто наспроти граѓанскиот концепт во нашата држава кој ги третира сите граѓани еднакво без разлика на нивната етничка, верска и која било друга припадност ДУИ има посебен третман?
Дали прашањето откри дека ДУИ си има свој потпретседател во СДС?
Во политиката, а особено кога станува збор за патриите и нивниот однос со власта, нема некоректни прашања, само прашања на кои јавноста бара одговор!

Со овој гест Ковачевски покажа дека кога станува збор за ДУИ е “и врзан и сопнат.“

ПОГЛЕД: Според официјални податоци од државен завод за статистика (направен попис) се случува вистински егзодус на младиот човек и македонските семејства од истокот. Речиси дупло е намален бројот на млади луѓе од 15 – 29 години кои живеат во своите родни места. Се изнаслушавме секакви ветувања од политичарите за борбата против иселувањето. Имате ли ПЛАН како младиот човек од источна Македонија да го задржите овде?

Младите се иселуваат поради не функционалноста на системот и недовербата на институциите, поради урнисаниот стандард но и заради севкупниот хаос кој ни се случува, хаос во институциите, лошото и неквалитетно образование, катастрофалното здравство, корупцијата која е метастазирана во сите пори на општеството, сето ова создава ситуација во која секој млад човек го наведуваат на помислата да ја напушти државава.

Младите имаат недоверба и се апатични, најважно во моментов е да се врати надежта кај младиот човек за достоинствен живот во Македонија.

Идната Влада која ќе ги преставува граѓаните и нивните интереси ќе треба да се грижи за правилно и правично прерзспределување на средствата, ќе треба да се грижи за пристап до право и правда. Важно е наместо партиско напредување да изградиме систем на напредување на најспособните и највредните, а тоа е она на кое силно и одлучно ќе се посвети новата влада предводена од ВМРО ДПМНЕ.

ПОГЛЕД: За разлика од Груевски, Љубчо Георгиевски и покрај тоа што е во коалиција со власта со еден пратеник во македонското собрание, смета дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните парламентарни избори и дека како партија имате подобар економски тим од СДСМ. Стојанче Ангелов исто така сподели дека најверојатно ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува победа на изборите, а од приврзаниците на Љубе Бошковски гледаме како масовно споделуваат статии против екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Има ли сигнали дека ВМРО-ДПМНЕ може да се обедини со овие помали десничарски партии во периодот кој што претстои?

Сите ние сме сведоци за тоа што Македонија се движи во погрешна насока, дел признаваат и го кажуваат јавно, дел тактизираат, ама тоа не е суштината.

Ваквата ситуација во државата е неодржлива и мора час поскоро да се промени ваквата лоша состојба и бесперспективност во државата, за ова да се оствари потребно е обединување околу програмата на ВМРО-ДПМНЕ за да се обезбеди што поголема победа со цел да се трансформира општеството и да се надокнади сето тоа што е уништено во изминативе години.
Сето ова ја обврзува ВМРО ДПМНЕ да обезбеди национално единство, затоа нудиме обединување за на следните парламентарни избори обединети да победиме со мнозинство во Парламентот и да одвоиме 61 пратеник, затоа што победата на ВМРО-ДПМНЕ денеска никој не ја доведува под знак прашање.

Сигурно е дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе победат, но на Македонија и треба силна победа каде што ќе можеме да испорачаме многу реформи со коишто ќе го трансформираме општеството, ќе направиме трансформација на општеството..
Затоа важно е обединување со народот, важно е да се мобилизираме, заедно да покажеме единство и поддршка на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на следните парламентарни и претседателски избори.

поврзани објави

Последни објави