30.8 C
Skopje
Saturday, June 15, 2024

Се укинуваат возови меѓу Скопје и Битола, од 25 октомври возот ќе сообраќа само еднаш дневно

Нови укинувања на патнички возови најавува Железници на РСМ-Транспорт. Од 25 октомври се укинуваат по два воза дневно на релацијата Скопје-Битола-Скопје, а во сообраќај по овој датум ќе остане само по еден пар возови дневно. Патниците од среда нема да можат да ги користат возовите кои од Скопје за Битола поаѓаат во 6:53 и 20:05 часот, како и од Битола за Скопје кои поаѓаат во 12:48 и 18:24 часот.

„ЖРСМ Транспорт АД Скопје – Патнички сообраќај ги известува корисниците на услуги кои патуваат на релација “Битола – Прилеп – Велес – Скопје“ и обратно дека од ден 25.10.2023 година (среда) сообраќајот на патничките возови на оваа релација ќе биде организиран само со возовите бр. 643 кој поаѓа од Скопје во 14:30 часот и воз бр. 640 кој поаѓа од Битола во 03:13 часот. Овие измени ќе важат од 25.10.2023 година до нивно отповикување“, се вели во соопштението од оваа државна компанија.

Патничките возови меѓу Скопје и Битола се најкористени според бројот на превезени патници, a се очекува ваквата одлука на Железници на РСМ-Транспорт да предизвика незадоволство особено меѓу граѓаните на Прилеп и населението од Азотскиот регион, кое нема друга форма на превоз кон Прилеп, Велес и Скопје, освен возот. Според податоците на Државниот завод за статистика, прилепската железничка станица е трета по големина во земјава со 60.000 отпатувани патници во 2022 година, по Скопје (150.000) и Велес (116.000 патници).

Инаку, укинувањето на двата пара возови меѓу Скопје и Битола доаѓа само неколку месеци откако железничкото претпријатие ги укина сите четири пара возови на релацијата Скопје-Куманово-Табановци-Скопје. Ова укинување стапи на сила на 4 јануари годинава, а од тогаш до денес жителите од кумановскиот регион немаат можност да патуваат со воз до главниот град.

Со најновото кастрење на возовите, патниците што патуваат меѓу Скопје и Битола ќе имаат на располагање само по еден воз дневно на оваа релација. Единствени возови што остануваат во сообраќај се двата пара возови меѓу Скопје и Гевгелија, додека меѓу Скопје и Велес ќе има само шест пара возови дневно. Историјата на Македонски железници не познава волку мал број на поаѓања на возови во домашниот железнички сообраќај што некогаш претходно бил организиран од државната железница.

поврзани објави

Последни објави