-0.2 C
Skopje
Monday, January 20, 2025

ИНТЕРВЈУ ИВАН ГОЦЕВСКИ: Со милионите кои заминуваат во “коцкање”нормално би функционирале маркетите, кафичите, ресторантите, книжарите, јавните даватели на услуги во Делчево!

Интервју со Иван Гоцевски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Делчево

ПОГЛЕД: Г. Гоцевски. Градоначачникот на Делчево во својата програма ветуваше развој на планината Голак. Имавме и идеи предложени по иницијатива на граѓани кои требаше да се реализираат за да отпочне развојот на Голак. Од денешна перспектива, може ли да се направи едно резиме до каде е развојот на Голак и дали воопшто се има помрднато од мртва точка?

Најпрвин пред се сакам да искажам искрена благодарност до Вас како медиум за укажаната чест да бидам Ваш соговорник во ова интервју.

Не може Делчевчанец како мене, кој има поминато преубави и прекрасни моменти како дете во Детското одмаралиште “Голак”, потоа како тинејџер на логорување со другарите за време на преубавата манифестација “Голачки фолкорни средби” и денес како родител кој што сака да ужива со своите деца во преувавото природно богатство (особено во зимскиот период) кое го нуди бисерот на општина Делчево, да не зборува со доза на емоција за Голак.

Убаво Ви е прашањето, но тажен ќе биде мојот одговор. Тоа е затоа што во последните шест години од моментот кога СДСМ и Горан Трајковски се локална и центранла власт во Делчево и Република Македонија, за развојот на “Голак” се зборува само пред избори!

Имено, веќе споменатите ветуваа брда и долини, водоснабдување на Голак, возобновување на детското одмаралиште, ски лифт, решавање на имотно-правните односи, изградба на современи јавни тоалети од монтажен тип, зајакнување на културните манифестации, поставување на сообраќајни рампи и препреки со цел заштита од возила на детските игралишта, изградба на детско адреналинско игралиште, поставување на монтажен штанд кој ке служи топли напитоци и брза храна за посетителите, како и за издавање на зимска опрема (санки, сноуборд, скии и слично), поставување на урбана опрема (клупи за седење со маси) на повеќе различни локации на планината (долж патот до манастирот) и што ли уште нѐ, за да денес од сето тоа има само празни ветувања! За искрено наше жалење од 2016 година кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, кога се реконструираше патниот правец од Делчево до Голак и кога се возобновија спортските терени за мал фудбал и кошарка на нашиот бисер, до ден денешен еден денар било какви буџерски средства од општината и државата се немаат потрошено за развој на планината Голак!

Насороти тоа имаме неодржување на веќе направеното од ВМРО-ДПМНЕ.

За потенцирање се само позитивните заложби на поединци и невладини организации кои што прават напори за промоција и заживување на нашата планина.

ПОГЛЕД: Ако пред 20 години имаше пари за спорт во Делчево и ФК Брегалница беше фудбалски клуб кој можеше да се натпреварува и во првата македонска фудбалска лига, а денес врзува крај со крај за негов опстанок, се поставува логично прашањето: Зарем во 21 век, при еден ваков развој на светот, ние како општина не можеме да создадеме услови за развој не само на фудбалскиот клуб, туку и воопшто на спортот во Делчево?

Овде би можел да Ви одговорам многу кратко и јасно, а тоа е дека едно време како што милуваат да кажат генерациите пред нас, “ЕДНО ВРЕМЕ ИМАШЕ ПАРИ ЗА СЕ”!
Но, овде станува збор за нешто многу специјално за нашиот град од минатото т.с душата на градот а тоа е ФК”Брегалница”!
Верувајте дека многу тешко некогаш да му се случи повторно на нашето Делчево било кој спортски клуб повеќе од десетина пати да собере публика на еден спортски натпревар над 1000 души, како што тоа го правеше ФК “Брегалница” во периодот 2002-2004, кога двапати настапуваше во ПМФЛ…
Тогаш делчевчани одеа со сирени и тапани на стадион и во недела не се делеа на политички партии, а сите или гледаа фудбал или слушаа пренос на Македонско радио!

Затоа без да ми замерат останатите спортски клубови, ФК “Брегалница” од тоа време е и симбол на градот. Јас како капитен на младинската екипа од тоа време и денес како млад политичар сметам дека политиката и политичките партии премногу се мешаат во спортот што е и тоа како штетно. Тоа е и причината што денес спортот е оставен на неспособноста и незаинтересираноста на поединци да се инвестира во спортот и затоа немаме и фудбал во Делчево. Мора општина Делчево да води поголема грижа за спортските клубови како што е случај со други општини од државата! Мора општина Делчево да има поинаков пристап кон младите и развојот на спортот! Мора општина Делчево да создаде развојна стратегија за развојот на спортот и заживување на ФК “Брегалница” Делчево!

Важно е спортот да биде во рацете на спортските работници!

Важно е политиката да биде колку е можно подалеку од спортот и спортските клубови!

Важно е за нашиот град да заживее како и ФК”Брегалница”, така и останатите спортски клубови.

Мораме да веруваме дека не само ФК” Брегалница” , а спортот како целина може да ги отклони нашите млади од пороците кои се надвиснати секојдневно над нив.

ФК”Брегалница” е нашиот симбол и ние сите заедно мораме да и помогнеме да се врати на правиот пат во некое подобро време за тоа. По тоа јас што знам, има ентузијасти и просперитетни млади категории на дечиња-спортисти кои што со правилна работа и помош од опшината и општествено одговорни физички и правни лица, ќе го вратат спортскиот сјај на Делчево!

ПОГЛЕД: Иако мал град, Делчево е преполн со кладилници и казина, објекти за брзи кредити, а истите можат да се забележат буквално насегде во централното градско подрачје. Дали Делчево се претвора во мал “Лас Вегас” ако се земе предвид бројот на жители во споредба со бројот на ваквите објекти?

Видете, искрено сметам дека има големо влијание тоа што нашето Делчево е погранично место и тоа само по себе си влече зголемен број на објекти од ваков тип, најверојатно инвеститорите очекуваат да привлечат клиенти од соседна Бугарија, посетители кои што доаѓаат во нашата општина поради разно-разни причини. Втор битен фактор е веќе осиромашениот наш народ, кој што најверојатно преку казината и брзите кредити се надева на случајна заработка или моментално задоволување на финансиските потреби за подмирување на основните тековни месечни потреби и зголемената навика од ваков вид на забава. И трето, мое лично мислење е дека доколку имаше зголемен број на уживатели во културата и пишаниот збор ќе се отвара кина, театри и библиотеки наместо кладилници и казина, што само по себе кажува дека и бројот на уживатели во игрите на среќа во Делчево е зголемен. Ова последното можеби е и најмногу загрижувачко. Зошто?! Затоа што тоа само по себе зборува за намалениот капцитет на општеството, но и пред се за силната пропаганда и агресивниот маркетинг кој што се применува во моментот од страна на големите компании кои што нудат ваков вид на понуда. И нормално државата како најголем собирач на данок по основ на добивка од игри на среќа на грбот на и така осиромашениот македонски народ!

На мене лично како млад политичар но истовремено и родител ми сметаат овие објекти да се на видикот на нашите ученици на само метри од нашите училишта, иако сум свесен дека и тоа е некој вид на пропаганда за дислокација на истите надвор од градот и легализацига на онлајн кладилниците за кои што сѐ посилно се зборува дека се во сопственост на еден од моменталните високопоставени функционери во моменталната Влада на СДСМ и ДУИ!
Од гледна точка на дипломиран економист и на мои лични пресметки, сметам дека огромна е сумата на пари која што заминува во “машинките на пропастот” и повторно се враќа кај граѓаните под формата на брзи кредит со огромни камати! Верувајте дека нема нешто поштетно од тоа милионски суми на пари да заминуваат во неповрат кај поединци и државата, наместо истите да бидат соодветно распределени во пооделните сектори за нормално функционирање на општеството. Со поедноставен речник кажано, со милионите кои заминуваат во “коцкање”нормално би функционирале маркетите, кафичите, ресторантите, книжарите, јавните даватели на услугу и така натаму… Да бидам искрен, државата има голема вина во сето ова!

ПОГЛЕД: Делчево е убаво градче. Има и успешни граѓани кои придонесуваат активно за развојот на Делчево. Но зарем не е жално Делчево како погранично место да нема ниту една посериозна странска инвестиција која сама по себе ќе го крене стандардот и конкуренкцијата не само во однос на квалитетот туку и по однос на платите на работниците?

Морам најпрвин да Ве корегирам дека Делчево не убаво а е преубаво градче кое што и тоа како има што да покаже, со многу убава местоположба, чесен и работлив народ, но за жал со многу неискористени ресурси и многу раселени млади ширум светот. Здрави и млади луѓе кои за жал како што начнавте, наместо да работат овде работат негде ширум светот и тоа да се разбереме не ѐ по нивна вина што допринесуваат за развој на тамошните економии и држави наместо овде каде што се родени и оформувани како способни личности кои можат и тоа како да допринесат за раст и развој на нашето Делчево. За одбележување е и фактот дека во Делчево има мали и средни успешни компании кои допринесуваат за опстојување и развојот на градот. Помеѓу нив има и доста извозно ориентирани компании кои што во целина заземаат сериозен процент во државниот извоз од секторот во кој што опстојуваат. Убаво е како град кој што има капацитет и одлична местоположба кој со значителни подобрувања во инфраструктурата досега требаше и тоа како да има барем една голема странска компанија која ќе учевствува значително на пазарот на труд во Делчево.
Но никако несмееме да ги заборавиме и подобрувањето на програмите, подобрувањето на законските норми и помошта кон локалните компании кои моментално вработуваат значителен број на луѓе од градот и за нив државата мора да изнајде начин како да инвестира во истите се со цел да останат конкурентно способни на пазарот на труд и истите паралелно да бидат модернизирани преку разни европски фондови. Тоа го кажувам најпрвин затоа што како вработен во приватниот сектор, секојдневно ги гледам и добро ги знам секојдневните проблеми на локалните повеќе или помалку успешни фирми во Делчево.

Но поради тоа што повеќе прашањето Ви е фокусирано на странските инвестиции во Делчево ќе се потрудам за тоа да го формулирам и одговорот.

Сите знаеме дека имаме ТИРЗ Делчевo, која што стагнира повеќе од шест години локална и централна власт на СДСМ во Делчево!

Чисто како потсетување на нашите сограѓани, изградбата на ТИРЗ Делчево започна на 30.05.2015 година кога локална и централна власт во Делчево беше мојата матична партија ВМРО-ДПМНЕ.
За многу кратко време беше реализиран оснoвниот проект.
СДСМ во Делчево е повеќе од 6 години локална и централна власт и за жал на ова место кое што требаше да биде столбот за економски развој на нашата општина и обезбедување на нови работни места и обид за сузбивање на иселувањето на младите, СДСМ за 6 години на ова место една лопата песок нема фрлено.
На ова место повеќе од 6 години нема било каква градежна активност и било каква иницијатива за подобрување на инфраструктурата во и до ТИРЗ Делчево од страна на СДСМ.
Од состојбата на ова место се гледа дека СДСМ и во Делчево нема визија и интерес за локален економски развој, нема визија и интерес за зголемување на понудата за работа како основен елемент за развој на економијата и општествениот живот во целост.
Ова место сведочи дека СДСМ нема интерес за зачувување на народот свој во државата, а наспроти тоа секојдневно ја полни општинската и државна администрација со своите партиски послушници.
Ако овде во Делчево или поточно во ТИРЗ Делчево на површина од 20,83 хектари, на кои се зацртани осум градежни парцели организирани во четири блокови требаше да се инвестира во изградба на внатрешната улична мрежа, довод на вода, струја и гас, посебна мрежа за улично осветлување, канализациска инфраструктура, со еден збор се што е потребно за да ги убедиме инвеститорите тука да го инвестираат својот капитал, денес по повеќе од шест години власт на СДСМ и ДУИ овде има само прашина и кал во зависнот од временските услови.

Мислам дека со ова изнесеното од моја страна многу лесно можете да разберете зошто немаме ниту една странска инвестиција која значително ќе допринесе за подобрување на платите во Делчево, паралелен развој на локални фирми преку меѓусебна соработка и нормално искра надеж за враќање на некое младо семејство овде во родното огниште. Едноставно оваа гарнитура на СДСМ и ДУИ ниту има визија, ниту интерес нешто да направи за развотот во целост. За нив битни се само провизиите од договорите во четири очи, наместо економскиот раст и развој. Но верувајте дека идат подобри времиња.
Како што предвидува и кажува “Концепт 800+ за Делчево” на нашиот Општински Комитет, нашата визија е во Делчево да има повеќе од 800 мали и средни компании, работни организации и здруженија на кои што им е потребна силна поддршка и помош од институциите на државата.
Нашиот човек е трудољубив и работен и сите заедно можеме и мораме да создадеме услови за остварување на сечиј сон за развој и напредок овде во нашето Делчево!
Не да ги користиме приватниот и граѓанскиот сектор за политички злоупотреби туку да бидеме нивен доверлив партнер во развојот на стопанството и јавните дејности.
Верувајте дека со сето тоа и добро направен концепт на работа инвестициите ќе дојдат, било локални или странски.
Ви благодарам.

поврзани објави

Последни објави