23.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024

ИНТЕРВЈУ НИКОЛА МИЦЕВСКИ: Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради нов Клинички центар во Штип

ПОГЛЕД: Одбележавме 152 години од раѓањето на Гоце Делчев, но техничкиот премиер од ДУИ Талат Џафери не се појави во црквата „Св Спас“. Ако Џафери се претставува како премиер на сите граѓани зарем не беше нормално да отиде да оддаде почит на гробот на великанот Гоце Делчев?

На почетокот, би сакал да истакнам дека ВМРО-ДПМНЕ, како и секоја година, така и оваа година, на достоинствен начин го одбележа овој голем ден за Македонија, 152 години од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев и преку партиска делегација положи цвеќе на неговиот гроб во црквата Св. Спас во Скопје. За нас ликот и делото на великанот Гоце Делчев претставува водилка и симбол на големата идеја и кауза за самостојна македонска држава. Неговата жртва за слободна Македонија е наш вечен аманет и национален пат од кој никогаш нема да скршнеме и да се откажеме бидејќи Гоце Делчев сме сите ние, бидејќи Гоце Делчев е Македонија. Околу Вашето прашање за присуството на високи владини и државни претставници на овој настан, јас лично сметам дека на ваков голем ден за македонската држава, историја, култура и традиција, требаше да бидат присутни и Претседателот на Собранието, Јован Митрески, како и Претседателот на Владата, Талат Џафери, посебно поради фактот што тие на своите функции се само неколку дена. Доколку беа присутни, покрај почитта кон ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев, тие ќе испратеа и силна порака и желба за единство, обединување и соживот до сите граѓани на Македонија. Но за жал, тие одлучија да не се појават.

Токму нивното непојавување е само уште еден доказ за континуитетот на она што ние како ВМРО-ДПМНЕ го говориме речиси 7 години. Секојдневно гледаме дека паролите „Едно општество за сите“ и „Живот за сите“ биле само празни пароли и лажни ветувања. Имено, вие како медиум од Малешевијата, најдобро го знаете таканареченото „Едно општество за сите“, токму преку примерот со вработувањата во ЈП Македонски шуми каде што преку оглас во Берово се бараат 17 Албанци иако на пописот од вкупно 10890 жители е попишан само еден, додека пак во Делчево се бараат четворица Албанци, а ниту еден Македонец. Очигледно, ова е политиката на „Едно општество за сите“ која ја ветуваа СДСМ и ДУИ пред 7 години.

Затоа, слободно можам да констатирам дека владината политика креирана и водена од СДСМ и ДУИ целосно потфрли бидејќи наместо да обединува, нивната погубна политика целосно разединува.

ПОГЛЕД: Претседателот на АА Арбен Таравари најави заеднички настап на изборите со албанската опозиција. Тоа значи дека доколку се остварат најавите на Изет Меџити, во прв круг на претседателски избори ќе имаме и кандидат албанец. Колку овие изборни калкулации можат дополнително да му наштетат на вашиот политички противник СДСМ?

ВМРО-ДПМНЕ заедно со своите коалициони партнери во овој период силно и мотивирано работи за остварување на нашата примарна и заедничка цел, а тоа е оваа криминална власт да замине во историјата и никогаш да не се повтори. Кон тоа сме сконцентрирани, кон тоа целиме и за тоа работиме.

Околу одлуките, политиките и идните дејствувања на партиите од албанскиот блок, можам да кажам дека нашите очекувања се обединување на албанскиот опозициски блок се’ со цел конечно ослободување на институциите и заминување на ДУИ од власт. Конкретно за Алијанса на Албанците и нивните одлуки, навистина не ми се јасни бидејќи АА на последните парламентарни избори бараа гласови и добија доверба токму од незадоволните и опозициски настроените граѓани, а сега ги гледаме во Владата како дел од владината коалиција. Малку нелогично, но тоа е реалноста. На крајот од денот, тоа е нивна внатрепартиска работа и одлука. Затоа, за изборните калкулации, за тоа кој, како и со кого ќе настапи на претстојните избори, ќе видиме за многу брзо време кога работите сигурно ќе бидат многу појасни од денес.

Она пак што можам да го кажам во овој момент е тоа дека ВМРО-ДПМНЕ, заедно со народот, ќе понуди претседателски кандидат која ќе биде работлива и посветена личност со интегритет и достоинство, патриот кој што татковината секогаш му е на прво место и човек кој што ќе се грижи и ќе ги штити интересите на граѓаните и државата. Сметам дека ваков претседател заслужуваат граѓаните и дека ваков претседател и е потребен на Македонија.

ПОГЛЕД: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ издржа и не попушти за уставните измени за внесување на бугари во Устав. Дали тоа значи дека најголемиот број од пратениците ќе добијат повторно доверба од страна на партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ?

Во врска со ова прашање, најпрво би сакал да појаснам дека пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ и Коалицијата јасно, гласно и недвосмислено го кажа и покажа својот конзистентен став во врска со внесувањето на Бугарите во Уставот. Овде не станува збор за тоа дали сме издржале и попуштиле или не, туку станува збор за став изграден врз база на принципи, континуитет и истрајност во насока на заштита на државните и националните интереси.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ како најголем, најсериозен и најодговорен политички субјект на македонската политичка сцена, има демократска и транспарентна постапка и процедура врз основа на која што се избираат кандидатите за пратеници во сите изборни единици. Бидејќи парламентарните избори се ближат ние сме веќе во подоцнежна фаза на анкетирање, анализа и разгледување на предлозите кои што ги имаме добиено од страна на Општинските комитети на партијата ширум државата.

ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија која што му верува на членството, која што го слуша гласот на народот и која што има изграден и сериозен капацитет за евалуација и интегритет и токму од тие причини убеден сум дека и наредниот состав на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде со ист или уште посилен интегритет и достоинство со оглед на големата победа и народна поддршка која што ја очекуваме на 8-ми мај.

ПОГЛЕД: Како партија имавте прекрасен настан во кој излагање имаа повеќе доктори и професионалци од областа на здравството. Долго време слушавме ветувања за изградба на клинички центар во Штип. Што е различно сега и дали реално може да се оствари реализација на еден ваков клучен објект во источна Македонија во блиска иднина?

Да, сметам дека тоа беше одличен настан, одлична трибина на тема која што не’ засега апсолутно сите како дел од нашето општество. Говорници на оваа трибина беа истакнати доктори и докажани професионалци во својата струка, каде што ги искажаа своите гледишта, идеи, планови и визии како сите заедно, на чело со идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, да ја смениме и подобриме катастрофалната состојба во која што се наоѓа македонското здравство. Инаку да, се согласувам дека во овие изминати 7 години се изнаслушавме разни ветувања за изградба на Клинички центар во Штип, кои за жал, останаа само празни ветувања, без никаква реализација од страна на власта предводена од СДСМ и ДУИ. Затоа ние велиме да, новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради нов Клинички центар во Штип, но прво да видиме колку
средства оваа власт има оставено во државниот Буџет, бидејќи парите ги трошат за се’ и сешто, наместо за она што е најпотребно.

На сите ни е јасно дека имаме дисфункционален здравствен систем во Македонија и токму затоа нашата идеја и нашиот концепт најпрво ќе биде целосна трансформација на здравствениот систем. Во новата Програма со која што ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи на претстојните избори ќе бидат опфатени три круцијални сегменти и тоа: ефективност, ефикасност и економичност во здравствениот систем. Спроведувањето на овие три сегменти ќе помогнат да ја сузбиеме корупцијата и неразумното трошење на средствата во јавното здравство. Исто така, ќе помогнат и за следење и почитување на протоколите за функционирање на здравствените организации и институции,почнувајќи од примарното, секундарното, па дури и во терцијалното здравство.
Исто така, како еден од најважните предуслови за добивање квалитетни здравствени услуги во еден модерен здравствен систем е регионализацијата. Тоа ќе значи постоење на неколку регионални болници, каде што пациентите ќе ги добиваат сите здравствени услуги во или блиску местото на живеење, наместо да патуваат во Скопје за прегледи, дијагностики,
интервенции, терапии и слично. Граѓаните, сите овие здравствени услуги ќе ги добијат во регионалната болница. Накратко, ова е платформата и насоката во која што ќе се движи идната влада на ВМРО-ДПМНЕ со крајна цел подобрување и враќање на функционалноста на здравството во Македонија. Колку за потсетување, клиничката болница во Штип веќе 7 години тапка во место. Граѓаните изгубија 7 години и многу пациенти не можеа да ги добијат основните лекарски и здравствени услуги поради власта на СДСМ и ДУИ. Еве јас, како пратеник кој доаѓа од Штип, бев присутен на поставувањето на камен темелникот на оваа болница, кој што впрочем беше проект на ВМРО-ДПМНЕ, но очигледно како што оди работата, ќе бидам присутен и на сечењето лента, која што исто така ќе ја реализира идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ.

ПОГЛЕД: Вие сте од Штип, па оттука не може да не го поставиме прашањето – зошто во македонското Собрание толку малку се зборува за проблемите на студентите. Се ветуваше изградба на студентски град во Скопје каде што има многу студенти пред се од источна Македонија, реконструкција на постоечките студентски домови и подобрување на условите во кои идните академски граѓани живеат и учат. Зарем како повозрасни луѓе кои пред се треба да мислат за децата на својата татковина, е нормално да пратениците немаат никаков слух за нивните барања?

Како што одговорив и во претходните прашања, во таа насока би го одговорил и ова прашање. Имено, ветуваа многу, ветуваа се’ и сешто. Ветуваа „живот за сите граѓани“, но за жал ништо од тоа не реализираа. Како и сите останати, така и студентите беа излажани и измамени.

Едно од клучните ветувања на оваа власт беше изградбата на студентски дом во Штип, градот од кој што доаѓам. Еве 7 години подоцна, нема ни „Д“ од дом за студентите во Штип. Исто така, веќе 7 години зјаат и стојат недовршени зградите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура кои ВМРО-ДПМНЕ ги започна, а оваа власт не мрдна со прст да ги заврши. Гледаме како ги третираат студентите и со студентскиот оброк. Сметам дека тоа е понижување за студентите, најпрво поради висината на средствата кои што ги добиваат, а потоа и начинот на кој што ги добиваат истите. Запознаени сте дека студентите добиваат одредена сума на средства, кои што мора секој ден да ја искористат, во спротивно тие пропаѓаат. Оттука, се прашувам, зошто ако веќе се обезбедени средства за оброк на студентите, тие да пропаѓаат?
Очигледно, поставуваат некоректни критериуми и услови, се’ со цел што помалку студенти да ги искористат овие средства. Факт е дека грижата на оваа власт за младите и студентите е само декларативна и на хартија, а во реалноста е токму спротивното. Доказ за ова е секојдневното иселување на младите и одливот на професионален кадар кој својата егзистенција ја гледа надвор од Македонија. Ова е факт од кој нема бегање.

За разлика од нив, ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ досега во безброј наврати покажавме и докажавме дека искрено се грижиме и водиме сметка за потребите и условите на студентите, поднесувавме Закони, измени на Закони, амандмани, но власта немаше слух за ништо од тоа.

На крајот од одговорот на ова прашање, би рекол дека ВМРО-ДПМНЕ како докажан партнер и пријател со младите и студентите, согласно новата Програма, повторно ќе ја врати довербата, надежта и желбата на студентите својата иднина да ја гледаат и градат во сопствената татковина, бидејќи токму младите се темелот, двигателот и стожерот на една општество.

ПОГЛЕД: Дали Никола Мицевски се гледа и во иднина како пратеник или пак можеби претендира да стане владин функционер доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да направи Влада по изборниот процес?

Најпрво, би сакал да изразам огромна чест и благодарност за довербата која што ми ја дале граѓаните на избори да бидам нивен застапник и претставник овде во Собранието на Република Македонија. Сите овие години како пратеник, секојдневно, неуморно и мотивирано работам и се трудам да ги исполнам ветувањата, но и да ги пренесам и преточам нивните барања и потреби во законодавниот дом.

Како народен претставник кој доаѓа од Штип, можам да кажам дека во изминативе 6 години како опозициски пратеник, успеав за градот Штип преку амандмани да обезбедам преку 1 милион евра од централниот Буџет, за реализација на разни проекти во интерес на Штип и штипјани. Инаку, како што кажав и во претходните одговори, најважно во овој период е да ја поразиме оваа клика на власт и да ја ослободиме Македонија и нејзините институции. Ценам дека во овој момент, помалку е важно кој, каде и како ќе биде по изборите на 8-ми мај. На крајот од денот, знаеме сите дека на Македонија и е потребен итен и целосен РЕСТАРТ. Токму затоа знам дека не’ чека многу напорна работа за да ја подигнеме Македонија повторно на нозе. За таа цел, важно е граѓаните да ја препознаат вистинската опција, да донесат правилна одлука и да ја дадат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Ова го бараме од граѓаните бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е единствената сила која што може да ја победи оваа власт. Во спротивно, гласањето и расфрлањето на гласовите за други партии и коалиции ќе значи индиректна поддршка и глас за оваа криминална власт и понатаму да продолжи да ја уништува Македонија. Сега е најважно да не дозволиме опозицискиот отпор да се раслојува. Тоа не смееме да го дозволиме бидејќи Македонија повеќе нема време за губење.

поврзани објави

Последни објави