Колумна на Проф. Самоил Малчески за Поглед.мк
Изминуваат три седмици како Талат Џафери е премиер на Македонија, благодарение на политички договор помеѓу ДУИ и неговиот помал коалиционен партнер СДС. Во јавноста се пристутни различни коментари, од одобрување од страна на владините перјаници, па се до обвинувања дека на овој начин се изигрува концептот за техничка Влада. Но, вистинското прашање кое треба да се постави е дали Ковачевски и СДС индиректно ни признаа дека Владата ја води ДУИ, дека навистина од СДС и Ковачевски не зависи ништо. Колку и да се обидуваат владините перјаници, да ги исперат СДС и Ковачевски, да ја оправдаат ваквата постапка во која што ги воведе Заев само да остане премиер во 2021 година, сепак факт е дека нема нешто што ДУИ го намисли и не го оствари, а притоа СДС и Ковачевски покорно истото да не го аминуваат.
Иако најавуван како прв премиер од албанско етничко потекло, како некое политичко достигнување на ДУИ, сепак првите три недели покажуваат дека освен ефтина квази националистичка реторика, Албанците во Македонија суштински не добија ништо со поставувањето на Џафери за премиер, исто како што не добија ништо со тоа што тој стана Претседател на Собранието. Останува нејасно зошто на ДУИ и е потребна ваква реторика или пак многу е јасно. Ајде да се обидеме да погледнеме малку поинаку на делувањето на ДУИ во Македонија.
ДУИ е владеачка партија во Македонија во последните 22 години, со исклучок на периодот 2006-2008 година, и тоа целиот период владее во континуитет. Кога ќе се навратиме наназад и кога ќе погледнеме што во суштина ДУИ направи изминатите години за Албанците во Македонија можеме со сигурност да кажеме дека направија едно големо ништо. Денес и Албанците, како и Македонците, како и сите останати живеат лошо во Македонија. Владеењето на ДУИ донесе пустош во општините во кои има мнозинство етничко албанско население, а општини во кои ДУИ владее или владееше на локално ниво со години. Па така, ако се компарираат податоците од двата последни пописи во Македонија, тој во 2001 и овој од 2021 година, колку и да сум поборник овој последниот да се поништи заради тоа што е спроведен спротивно на Законот за попис и е фалсификат, сепак и така презентираните податоци укажуваат на погубните политики на ДУИ. Ајде по ред. ДУИ е власт на локално ниво во Кичево последните три мандати, па ако толку ревносно се бореа за нивните сограѓани немаше во општина Кичево да има пад на население од 43%, или од 56739 жители во 2001, сега општината да има 39669 жители. Истото е и со општина Струга, па за само 20 години општина Струга загубила 24,3% од своите жители или од 63376 сега има 50980 жители. Ваквиот тренд не го одминува ни Дебар, па во Дебар имаме пад на население од 26,7%, во Боговиње имаме 26,5% помалу население, а во Липково 21,2% помалку жители. Ваквиот тренд не ја одминува ни оштина Теарце, таму падот на население е од 26,9%, додека пак во Гостивар има пад на население од 35,5%, Пласница 7,6% помалку жители, Чаир има 3,5% помалку жители, Долнени 3,3% помалку жители, а Тетово има пад на население од 2,1%. Единствено во Арачиново, Сарај и Студеничани има пораст на население.
Но, кога ќе се собере вкупниот број на жители во општините во кои има доминантно албанско население може да се заклучи дека политиките на ДУИ биле толку добри за Албанците во Македонија, што дури 15,2% од жителите решиле да ја напуштат Македонија. Секако овој податок ќе беше уште попоразителен ако Апосотол и СДС не им слугуваа на ДУИ и од една статистичка опрација наречена попис на население и домаќинства, не напрација циркуз заради кој ни се смеат сите добри познавачи на политиките во овој дел од Европа.
Но, да бидеме до крај фер и искрени. ДУИ и не беше така лоша во своето владеење, зависи за кој и како. ДУИ со сигурност може да се пофали дека е една од ретките партии во светот која има најголем процент на милионери во своето членство. Ова е затоа што, додека врвот на партијата немилосрдно се богатеше, Албанците благодарение на ДУИ во најголем број се иселуваа од Македонија.
Од сето ова погоре со сигурност може да се каже дека најголем албанофоб во Македонија е ДУИ, не сме ние кои зборуваме за криминалот на врвот на ДУИ и за нивните погубни политики, а сме обвинувани за тоа. Притоа ДУИ кога нема со што да се пофали, а најчесто нема, секогаш посегнува по квази национализам и реторика која доликува на политики од 19 век. Но, тоа ниту ќе им донесе подобар живот на граѓаните во Македонија, а ниту пак се некакви си европски вредности.