Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски попладнево епспресно ги демантираше наводите на скопската градоначалничка Данела Арсовска. Тој тврди дека донесениот ДУП е законски со добиена согласност од сите надлежни институци. Тврди дека барање за мислење до град Скопје упатиле пред 70-тина дена, но дека досега не добиле никаков одговор.
– Доколку знае да ги толкува ДУП-овите што ѝ е и обврска според Закон и според фукцијата која што ја извршува, треба да знае дека намената Г2 е намена која што предвидува лесна и незагадувачка индустрија, не предвидува изградба на индустриски капацитети коишто ја загадуваат животната средина. Паниката и паранојата која што пробува да ја направи заедно со колегата од Карпош изминатиов период се неосновани и лажни во делот на бројноста и во габаритот на постројките – вели градоначалникот на општина Ѓорче Петров.
Тој ѝ порача на Арсовска да почне да работи, наместо да шири паника. Покажа и мислење од Дирекција за заштита и спасување според кое, нема никаква опасност во однос на безбедноста на граѓаните.
– Арсовска не дала ниту мислење по однос на ДУП-от – тврди Стојкоски, а по сила на закон се смета дека таа нема никакви забелешки. Дециден е дека ДУП-от е усогласен со ГУП-от, а во ГУП-от кој го носи Град Скопје е впишана и веќе постоечката фабрика. Тој додава дека три нови хемиски фабрики нема да има.
Според градоначалникот на Ѓорче Петров, Арсовска тера евтин ПР.
Покажа и мислење од ЈП Водовод и Канализација од 2022 година, според кое, има позитивно мислење на понудените решенија од овој план. Министерството за животна средина има во два наврати има позитивно мислење и тоа во однос на отпадните води, со нагласок дека се запазени сите забрани и ограничувања согласно постоечката одлука за утврдување на границите на заштитените води на бунарското подрачје Нерези-Лепенец.
– Позитивни мислења имаме од МОН во однос на основното училиште, МТСП во однос на градинката, Министерството за култура кажа дека условјувањето на планот може да продолжи, Министерството за одбрана каде го истакнува исклучителното значење од што поскоро донесување на ДУП-от, Катастарот за квалитетот од тематски и тополошки аспект – кажа Стојкоски.
Планот има поминато четири јавни анкети, каде што граѓаните можеле да дадат забелешки и предлози, каде на овие анкети не се добиени забелешки по однос на концептот и планираните намени кои се впрочен условени од ГУП на Град Скопје.