5.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Здравствените власти со препораки за заштита од студениот бран

Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство по најавата од Управата за хидрометеоролошки работи за многу ниски температури и снег во текот на наредните денови, денеска одржа состанок со цел преземање превентивни мерки од областа на здравството.

„Имаме најава од УХМР дека во следниот период почнувајќи од петок до понеделник ќе има многу ниски температури во Република Македонија со снежни врнежи. Тие температури ќе се движат до минус 20 Целзуисови степени што, според Акцискиот план за превенција од штетни последици од студено време којшто го има донесено Министерството за здравство, би требало да бидеме во жолта фаза или предупредувачка фаза, каде што сите институции треба да преземат одредени мерки“, изјави претседателот на Комисијата, Јованка Костовска.

Таа посочи дека заклучиле веднаш да се известат сите здравствени установи, посебно болниците да имаат свој кадар, лекови, санитетски материјали и сместувачки капацитети за евентуално зголеменен број лица со штетни последици од студеното време и снежните врнежи. Исто така, посочи, известени се екипите на Итната медицинска помош низ целата држава да бидат доекипирани со повеќе возила, екипи, лекови, санитетски материјали за да можат да интервенираат доколку има потреба.

Известени се, како што рече, и центрите за јавно здравје, како тие на национално ниво, така и тие на локално ниво да направат кризни штабови со подрачните единици на ЦУК, со Црвен крст, со болниците, со здравствените домови да преземат мерки на своето подрачје и по локалните телевизии да го известат населението за препораките за штетни ефекти од студените бранови.

„Донесен е заклучок патронажната служба во соработка со службите од труд и социјала исто така со Црвен крст заедно да ги посетат сите постари осамени лица овие два дена додека се уште не се студените бранови да видат дали имаат потреба од храна, лекови, огрев и веднаш да ги снабдат, да им се обезбеди што е потребно за овие три-четири дена, за да немаат никакви проблем. Воедно ќе се лоцираат и сите бездомници во државата и во овие неколку дена ќе бидат стационирани во посебни сместувалишта за нив со храна, облека итн., да се превенираат штетните последици по нивното здравје“, рече Костовска.

Нагласи дека веќе е препорачано од Управувачкиот комитет за кризи при Владата да се избегнуваат и патувања низ државата доколку е можно бидејќи се очекуваат наноси по патишта и голомразици.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека како за топлотни бранови, така и за студени бранови во Акциониот план таа препорака за бремени жени и хронично болни лица над 60 години е веќе во портокалова фаза, а тоа се температури некаде над минус 20 Целзиусови степени. Значи, посочи, ако имаме минус 21, минус 22 степени во поедини подрачја тогаш се препорачуваат и тие мерки.

„За работниците кои работат на отворено, исто во оваа фаза не е забранета работа на отворено, меѓутоа работодавците да внимаваат работата да биде во потоплите периоди од денот, да не бидат толку рано наутро и до доцна навечер. Работниците да бидат топло облечени и да прават чести паузи, на секои два часа работа пауза во топла просторија со топли напитоци, одмор барем половина час за да се загрее организмот, па пак два часа работа. Значи, за нив треба внимавање да не бидат постојано изложени на отворено“, заврши Костовска.

поврзани објави

Последни објави