8.8 C
Skopje
Monday, October 28, 2024

„ВИЗЕР“ ГИ НАМАЛУВА ЛЕТОВИТЕ Скопскиот и охридскиот аеродром губат 25% односно 48% од планираниот обем на сообраќај на компанијата

Земјава нема да ги исплати планираните субвенции за авиокомпанијата „Визер“, ако со привременото укинување на одделни линии или број на летови бидат опфатени новите линии кои се дел од договорот за субвенционирање, велат од Министерството за транспорт и врски по информациите дека авиокомпанијата, поради контрола на авионите, годинава два пати привремено укинува летови на одделни дестинации.

Според првичните информации аеродромот во Скопје ќе биде со намален капацитет на летовите на „Визер“ од 25 отсто, а убедливо најмногу ќе биде погоден аеродромот во Охрид. На аеродромот „Св. Апостол Павле Охрид“ капацитетот се намалува речиси двојно, односно за 48 отсто.

– Министерството за транспорт и врски има склучено Договор за финансиска поддршка со авиокомпанијата WizzAir Hungary за период 2023 – 2025 година, според кој секоја нова дестинација, која претходно не била оперирана, ќе биде предмет на субвенционирање од страна на државата. Имено, согласно Договорот, авиокомпанијата „Визер“ имаше обврска да започне да ги оперира дестинациите Љубљана, Луксембург, Штутгарт и Салцбург од 1 ноември 2023 година и тоа најмалку 3 пати во неделата. Досега авиокомпанијата Визер ја воведе и започна да ја оперира линијата Скопје – Љубљана, за којашто Министерството за транспорт и врски врши исплата на финансиска поддршка, согласно Договорот. Досега за оваа дестинација се исплатени 48.076 евра. Дополнително, операторот „Визер“, ја воведе и линијата Скопје – Луксембург, но за таа линија досега нема побарано финансиска поддршка – велат од Министерството за транспорт и врски.

Летот Скопје-Луксембург беше воведен во ноември лани, но беше опфатен со привременото укинување кое беше планирано од јануари до март годинава.

Авиокомпанија лани во април потпиша договор за државна поддршка со кој треба да добие пари само за новите линии на авиокомпанијата од Скопје до Луксембург, Штутгарт, Салцбург и до Љубљана. Финансиската поддршка изнесува 7 евра по патник во заминување превезен од Меѓународен аеродром Скопје и 4,5 евра по патник во заминување превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид. Договорот со авиокомпаниите е на 3 години, за што од буџетот се предвидени 5 милиони евра заедно со поддршката што ја добива и германскиот авиопревозник „Луфтханза“ за една авиолинија, од Скопје до Франкфурт.

Но, компанијата во овој период треба да ги исполни и обврските од претходниот договор со кој е обврзана да ги одржува линиите 3 години по добивањето субвенции, односно во ист период колку што ги добивала субвенциите. Што значи дека доколку компанијата привремено укинала некој од овие дестинации ќе теба да го продолжи периодот во кој нејзините авиони ќе треба да летаат до овие дестинации.

„Визер“ досега 4 пати добивала субвенции од владата од по 3 години. Во периодот од 2012 до 2015 година владата за субвенции потрошила 3,8 милиони евра. Од 2015 до 2018 година за таа цел се потрошени 5 милиони евра, од 2019 до 2023 година 1,6 милиони евра, а последниот договор кој е за периодот 2023-2025 година предвидува да се потрошат 5 милиони евра.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека авиосообраќајот во земјата е во континуиран раст, а Министерството за транспорт и врски, согласно своите политики, реализира активности за обезбедување повеќе дестинации кон Европа и пошироко преку поддршка.

– Министерството за транспорт и врски и оваа година планира да распише нов јавен повик за финансиска поддршка за воведување на нови дестинации – велат оттаму.

Авиокомпанијата „Визер“ поради техничка проверка на авионите, од почетокот на годината намали 6 авионски лета и од скопскиот и од охридскиот аеродром во периодот од средината на јануари до средината на март, а веќе е најавено и ново повлекување на авионите од одделни линии во летниот период односно од 31 март до 26 октомври. Тоа секако ќе се одрази врз бројот на патници кои се превезуваат од двата македонски аеродроми, бидејќи „Визер“ остварува висок процент. Авиокомпанијата лани од Скопје имаше над 60% патници. Оваа летна сезона, од скопскиот аеродром ќе има 2.082.222 седишта на редовни линии. Ова е намалено за 6,5% во однос на летото 2023 година и е директен резултат на тековните проблеми со моторот на авионите. Намалување на летовите ќе има и од охридскиот аеродром.

Според информациите што ги објави порталот „Ex-Yu Aviation News“, за Скопје ќе има намален вкупен капацитет за 25,3%. Авиокомпанијата, исто така, ќе ги намали своите операции во однос на минатото лето, со намалување на капацитетот за 15,7%. Кратењата се однесуваат на Охрид кој лани изгуби 48,3% од својот капацитет на Визер кој е еден од главните превозници на туристи до Охрид.

Во првото редуцирање на 6 авиони беа привремено укинати летовите Скопје-Луксембург и Скопје-Болоња, а најпогодени беа дестинациите Базел и Меминген.

И покрај тоа што авиокомпанијата ги намалува фреквенциите на голем број од своите услуги во Скопје, таа најави дека ќе го продолжи со лансирањето на планираната нова линија меѓу Скопје и Салцбург планиран за 1 април.

Покрај намалувањето на летовите од македонските аеродроми „Визер“ планира да отстрани 1,4 милиони седишта од пазарот во поранешна Југославија оваа летна сезона според својот првичен план, бидејќи евтината авиокомпанија приземји 20 отсто од својата флота на инспекција поради ретка аномалија пронајдена во металниот прав што се користи во производството на специфичен компонента на моторот објави „Ex-Yu Aviation News“.

Српските аеродроми Белград и Ниш исто така ќе бидат погодени. Во Белград авиокомпанијата ќе намали за 22,4% од капацитетот во споредба со минатото лето и 35% од она што буџетскиот превозник првично го планираше. Во Ниш капацитетот е намален за 46,7% од првичниот распоред за ова лето и 50% во однос на минатата година.

Во Љубљана, нискобуџетната компанија намали за 35,5 отсто од планираниот капацитет на седишта за лето и 15,7 отсто во однос на минатото лето.

„Визер“ во Приштина ќе намали за 27,2 отсто од првично планираниот капацитет за ова лето и намалување од 33,3 отсто во однос на минатата година.

Подгорица бележи помалку намалувања, за 8,3% на првично поднесениот распоред и 11,8% на летото 2023 година.

Од босанските аеродроми сараевскиот нема да има намалувања, но аеродромот во Тузла забележува намалување од 17,9% на првичното планираниот распоред за ова лето и намалување од 78,9% во однос на минатата година по затворањето на неговата база. Бања Лука забележа намалување од 34,5% на првичниот капацитет планиран за ова лето и намалување од 64,7% во однос на минатата година.

Хрватските аеродроми исто така се погодени со овој план на „Визер“. Од аеродромот во Дубровник предвидува „Визер“ да отстрани 86% од планираниот летен капацитет за 2024 година и намалување од 82,9% во однос на минатата година. Сплит изгуби 49,2% од првично планираните места за ова лето, како и намалување од 21,4% во однос на минатото лето.

поврзани објави

Последни објави