Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска во Скопје одржа Конвенција на која беа претставени кандидатот за Претседател на државата и носителите на пратеничките листи во шесте изборни единици за претстојните претседателски и парламентрни избори.
На Конвенциајата пред неколкуте илјади присутни граѓани, членови на партијата и симпатизери, се обрати Претседателот на Движењето и кандидат за Претседател на државата, Максим Димитриевски.
„Движењето ЗНАМ – За наша Македонија е нов политичкчи субјект, но има сила, визија и е субјектот што ја носи промената на политичката сцена на Македонија“, рече Димитриевски и додаде:
„Време е почитувани црно-сивиот свет да исчезне од Македонија. Ги доведоа Македонците во сопствената држава да се чувствуваат како граѓани од втор ред, наметнувајќи наратив дека Македонија е биетничка држава, држава на две мнозинства и многу малцинства. Ги доведоа во прашање основните обележја на македонскиот народ – националниот идентитет, јазикот, културата, националната историја. Не доведоа во позиција во 21 век да се докажуваме кои сме и што сме. Направија и прават грабеж и распродажба на националното богатство.
И она што е најпоразително придонесоа граѓаните да не си ја сакаат државата и да заминуваат гледајќи ја иднината надвор од границите на Македонија“.
Димитриевски потенцира дека за нормалното функционирање на државата голема важност има и дефинирањето на соживотот во Македонија и да се гради реално мултиетничко, а не биетничко општество, како што некој се обидува тоа во континуитет да го наметне, а граѓаните мора да се интегрираат во општеството, да се разбираат и да живеат во слога и заедништво.
„За нас како Движење ЗНАМ – За наша Македонија и за мене како кандидат за Претседател на државата, принципите на кои е поставена Македонија се црвените линии, нешто за кое нема разговори и преговори и секое отстапување ќе значи изневерување на жртвите што се вградиле во основата на истата“, рече тој и нагласи дека секој човек, без разлика кој е, што е, од кое потекло е, какви политички, верски или други убедувања има, заслужува да биде третиран со почит и дека никому не треба да му се нарушува достоинството.
„Ќе бидам Претседател на Македонија, којшто суштински ќе постапува согласно уставните надлежности и ќе биде независен во своето постапување и нема да должи никому, освен на граѓаните. Тука, пред сите вас, велам – ЗНАМ, сигурен сум, дека никогаш нема да потпишам закон или друг документ што ќе и наштети на Македонија или којшто ќе им штети на интересите на граѓаните. Секогаш на прво место ќе ми биде јавниот интерес, граѓаните и интересот на државата.
Мојата цел е да бидам Претседател на Македонија, кој што ќе биде столб и гарант на уставноста на државата. Граѓаните заслужуваат нов профил на Претседател, којшто достоинствено ќе ги претставува, како на домашен, уште повеќе на меѓународен план“, нагласи Димитриевски и додаде дека цел е Македонија да биде земја во која ќе владее правото, ќе има правда за сите и еднакви можности за секој граѓанин.
„За жал Македонија сега е земја во која владеат корупцијата, неправдата. Со децении оние што практикуваат власт ветуваат едно, а остваруваат само придобивки за себе и за своите фамилии. Се создаде, најблаго речено, приватна држава, во која економијата, правдата, соживотот функционираат одлично, но само за нив, за одредена политичка елита и нивните пулени. Власта, од која било боја, со своето недомаќинско и криминално однесување не само што Македонија не ја приближи до развиените држави во економска и општествена смисла, туку ја оддалечи од развиениот свет, од Европската Унија“, рече Димитриевски и продолжи:
„Ние заедно со вас, граѓание, ќе ја направиме Македонија држава со функционални институции и професионалци кои ќе бидат на услуга на граѓаните, а не во функција на политичките елити, поединци и фамилии.
Само така може да се сузбијат корупцијата, криминалот и неказнивоста. Нашата цел е Македонија да стане самоодржлива држава со силна економија, а притоа да се зачуваат природните ресурси и капацитети. Мораме да обезбедиме енергетска независност што ќе го постигнеме со изградба на електроенергетски објекти кои ќе бидат во сопственост на Македонија.
Втората важна компонента за самоодржлива држава е производството на храна. Во наредиот период ќе одиме кон планиран развој на земјоделието и загарантирани цени на основните земјоделски производи, со цел тоа да стане водечка сила во економијата. Со правилна распределба на буџетот за производство на храна, со поволни кредити со ниски камата за земјоделците, со субвенции за земјоделците, на вистинските земјоделци, може да се зголеми производство на здрава храна, со помалкау пестициди, но и на високо квалитетна стока, а водата нема да е на продажба како наше национално богатство“, потенцира Димитриевски.
Тој рече дека интеграцијата во Европската унија е стратешка цел на Македонија.