11.8 C
Skopje
Wednesday, October 9, 2024

Лукаревска: Во следните четири години ќе ја зајакнеме домашната економија со јавни инвестиции од 3,5 милијарди евра

Носителката на листата за пратеници на СДСМ во Третата изборна единица, Сања Лукаревска, во изјава за медиумите во Кочани, изјави дека ќе продолжат да работат на зајакнување и подобрување на конкурентноста на домашните компании како и во изминатиот период, коишто, како што изјави, од целосно заборавени, без никаква финансиска поддршка, ги поддржале со 100 милиони евра.

Во наредниот мандат домашните компании ќе ги поддржиме со 180 милиони евра, поддршката ќе биде дуплирана. Заедно, партнерски со нив, ќе продолжиме да ја јакнеме домашната економија со јавни инвестиции од 3,5 милијарди евра. Дел од овие средства ќе бидат вложени и во праведна енергетска транзиција и енергетска независност. Домашното производство на електрична енергија ќе го зголемиме за 70 проценти. Со тоа државата ќе постигне енергетска независност и самостојно ќе задоволува 100 отсто од сопствените потреби за струја, и тоа главно од гас и од чисти обновливи извори. Засекогаш рековме не за штетните мали хидроцентрали и за сите фосилни технологии кои ни ги загадуваат воздухот и почвата. Сето ова е продолжување на нашата досегашна работа затоа што е важно за стабилноста и за нашата европска иднина, истакна Лукаревска.

Таа додаде дека во Третата изборна единица гордост е ветерниот парк во близина на селото Богословец кај Свети Николе, за што се инвестирани 61 милион евра.

Во наредните 25 години ќе се овозможи зелена енергија за повеќе од 20 илјади домаќинства. Сакаме да создаваме партнерство во градењето на европска иднина, а граѓаните и компаниите ги гледаме како наши партнери и сојузници. Ќе останеме заедно и ќе ги решаваме предизвиците коишто нема да бидат ниту малку, ниту лесни, затоа што европската агенда е напорна, бара вклученост на сите, но тоа е најдобриот и најефикасниот начин, заклучи Лукаревска

поврзани објави

Последни објави