На фан страниците на социјалната мрежа Фејсбук, по споделените апели за помош, утринава во 5 часот над 150 доброволци се пријавиле да го гаснат пожарот што гори во Пехчево. Aпелите се споделени преку неколку страници што објавуваат информации од источниот регион.
„Имаш Македонија ти, големи ХЕРОИ 🇲🇰🇲🇰
Утрово во 05 часот натуро во Пехчево, над 150 ДОБРОВОЛЦИ (да, добро прочитавте, 150) беа на плоштадот „Св. Петар и Павле“ од каде заедно со вработени во повеќе институции се упатија заеднички да го гаснат пожарот…
Покрај доброволци од самото Пехчево и околните села, на терен имаше доброволци од Делчево, Берово, Виница..“, стои во објавата на Вести од Истокот на Македонија.
Уште во текот на вчерашниот ден се споделуваа апели за донирање на вода и храна за луѓето кои ги гаснат пожарите, а по социјалните мрежи се појави информација дека маркетите во околината веќе немаат вода, па се бара по околите блиски градови.
„Во пожарот кој избувна вчера, гореше високо стеблеста борова шума, и не можеше да делува човечка сила. Во комуникација со директорот на ЦУК, утрово добивме поддршка од воздух, за да се стави под контрола, и потоа да можат да делуваат човечки сили. Во текот на целиот ден се гасеше, во текот на ноќта имаше дежурни екипи. Во текот на денешниот ден ќе се делува од воздух. На одредени места кај што имаше пламени јазици се локализира, но на некои места се разгорува. Благодарение на хеликоптерите, се става под контрола и се овозможува да делува човекова сила. Се надевам дека за неколку часа пожарот ќе биде локализиран“, рече утрово градоначалникот на Пехчево, Александар Китански.
Доцна синоќа директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, информираше дека рекордни 54 пожари има во земјава, а 19 пожари ќе горат и во текот на ноќта.