-1.2 C
Skopje
Monday, January 20, 2025

СДСМ обвини за партиски вработувања, па ја отстранија објавата од официјалната веб страница на СДСМ: Не е проверена информацијата!

Кузеска на прес-конференција кажа дека е направена груба партизација со назначувањето на Иван Иванов, син на експретседателот Ѓорге Иванов и Анстасија Илиевска, сопруга на водителот Богдан Илиевски, за членови на Надзорниот одбор на АД МЕПСО. Подоцна од СДСМ се извинија дека направиле превид со имињата
Скандалозни се најновите одлуки со кои Владата изврши целосна партизација на МЕПСО со некомпетентни луѓе кои немаат допирна точка со енергетиката, но се роднински поврзани со луѓе од Владата, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција. На новинарско прашање за новите кадровски смени во АД МЕПСО, Кузеска рече дека ВМРО-ДПМНЕ направила груба партизација со назначувањето политиколози во секторот енергетика.

„Прв и најскандалозен избор е изборот на синот експретседателот Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов, за член на надзорниот одбор на МЕПСО. Тој е дипломиран политиколог и нема никаква допирна точка со она што ќе треба да го работи. Понатаму, во МЕПСО е згрижена и сопругата на главниот ТВ-водител и пропагандист на ВМРО-ДПМНЕ, Богдан Илиевски, Анастасија. Човекот кој жолчно ги брани секојдневно политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше водач на насилните протест на 27 април, сега конечно наплатува за своето слепо слугување на партијата“, кажа Кузеска.

Кузеска рече и дека новоназначениот директор на АД МЕПСО, Бурим Љатифи, е прв братучед на Изет Меџити, што претставува целосен непотизам и за што бараат институциите итно да реагираат.

Изјавата на Кузеска беше објавена и на веб-страницата на СДСМ, а одговор експресно стигна од ВМРО-ДПМНЕ со демант дека станува збор за сосема други лица, но со исто име и презиме како посочените на прес-конференцијата на Кузеска.

„Секој збор искажан на прес-конференциите на СДС е лага и конструкција од невидени размери. Ниту станува збор за синот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов ниту станува збор за сопругата на Богдан Илиевски. Тоа се комплетно различни личности, кои немаат никаква допирна точка со Иванов и Илиевски. И тоа е лесно проверливо и уште полесно за докажување, но на СДС им е полесно да се расфрлаат со пердуви и да обвинуваат за наводна партизација. Заврши вашето време, со тоа заврши и уништувањето на институциите“, рече Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

На обвинувањата од СДСМ реагираше и Иван Иванов, кој побара јавно извинување за, како што рече, лажните вести, а најави и тужба.

„Најпрвин, не сум назначен за член во одборот на МЕПСО ниту, пак, во кој било друг одбор, на која било друга институција. Станува збор за сосема друга личност со исто име и презиме“, напиша Иванов на Фејсбук.

Во меѓувреме од СДСМ ја тргнаа објавата од веб-страницата и испратија соопштение дека направиле превид. Порачаа дека јавно им се извинуваат на лицата споменати на прес-конференцијата.

„Во морето информации што пристигнуваат до СДСМ за погрешната кадровска политика на ВМРО-ДПМНЕ, пристигната е и нецелосна информација која не беше целосно проверена, со што е направена ненамерна грешка со имињата за членови на Управниот одбор, односно Надзорниот одбор на МЕПСО“,

се наведува во соопштението од СДСМ.

поврзани објави

Последни објави