Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, денеска извести дека во последните три месеци „царината“ забележала значителен успех, собирајќи над 24 отсто повеќе приходи од увозни давачки и акцизи. Според првиот човек, контролата е заострена, со зголемување на мандатните казни за 186 проценти и зголемување на записниците за непријавена стока за 80 отсто..
„Царинска управа во периодот од први јули заклучно со 8 октомври наплати вкупни приходи од 35,4 милијарди денари што е за 3 милијарди денари (48,7 милиони евра) или 9,2 проценти повеќе од истиот период минатата година.
Бројот на случаи на заплени е зголемен за 60,2 проценти, а бројот на пријави за сторени кривични дела поднесени од страна на Царинската управа е зголемен за речиси три пати.
На ниво на сите царинарници бележиме пораст на бројот на изготвени записници за непријавена стока за 80 проценти. Изречени се 1.155 мандатни казни, што е за 186 проценти повеќе споредено со овој период лани“, објави Николовски.
Според Николовски, бројот на записници за стоки што ги повредуваат правата на интелектуална сопственост пораснал за 72 проценти.
„Овие казни ја отсликуваат зголемената контрола и решителноста на царинските службеници да се справат со прекршувањата на законите и спречување на нелегалната трговија“, беше кажано на одбележувањето на првите 100 дена од работењето на новото раководство.