Станува збор за приватна посета и нема да коментираме приватни посети“.
Ова ни го одговори портпаролката на опозициската СДСМ, Богданка Кузеска, откако ја прашавме во какво својство партискиот лидер Венко Филипче патувал во Дубаи, дали патувал сам или бил придружуван од некого, кој ги платил трошоците за патувањето и дали тој со поранешниот партиски лидер и премиер Зоран Заев водел разговори од значење за партијата или за државата.
На денешната прес-конференција на Филипче во Собранието, тој кратко одговори дека станува збор за приватна работа.
– Апсолутно не сакам да коментирам работи од мојот приватен живот – рече Филипче.
Инаку, на социјалните мрежи доцна синоќа осамна видео, на кое се гледаат Филипче и Заев на забава која неодоливо потсетува на гранде журката на познатиот пејач Харис Џиновиќ во ексклузивниот хотел „Хилтон“ во Дубаи на 25 и 26 октомври октомври годинава.
Српските медиуми веќе известија за журката на познатиот пејач во Дубаи, нарекувајќи ја „дернек каков што не се памети“, а влезниците чинеле и по неколку стотици евра.