Божиновска: Ќе направиме сè што е во наша моќ да нема зголемување на цената на струјата
Во однос на модернизацијата на енергетските капацитети, конкретно за плановите за гасификација, Божиновска најави дека на 20 ноември треба да биде отворањето на тендерот за интерконекторот за гасно поврзување со Грција, откако првиот беше поништен и оти очекува овој да биде успешен.
Ќе направиме сè што е во наша моќ да нема поскапување на електричната енергија за граѓаните од следната година, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и за ова ќе дискутираат со Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Ова прашање, како што кажа таа во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител зависи и од планот за производство на електрична енергија на ЕСМ, но додаде оти ќе се потрудат да ги заштитат граѓаните од ценовни шокови.
Ценатата по која што ЕСМ во моментов ја снабдува ЕСМ за крајните потрошувачи е 60 евра што е многу пониско ако се спореди се реалните цени, што според министерката покажува дека оваа Влада покажува интерес и се грижи за граѓаните.
Прашана за увозот на струја, Божиновска вели дека тој наместо неделно сега се прави на две недели, а изминатиов период државата увезувала струја бидејќи состојбата со водниот потенцијал е многу лоша.
„Хидрологијата е многу лоша, под 20 проценти се водените резерви и тоа е веќе многу мал број и поради тоа се правеше увоз на електрична енергија. Се надеваме дека од први декември и првиот блок во РЕК Битола ќе биде во функција и тој увоз ќе биде многу мал, односно ќе се обидеме да се произведат доволно мегават-часови за целото население“, кажа министерката во интервјуто.
За ситуацијата во РЕК Битола, каде во моментов работат два од трите блока, рече дека минатата недела два пати била таму и имала долги дискусии и разговори со новиот менаџмент, за затекнатата состојба ја оцени како катастрофална.
„Лично видов што се случува таму. Ми беше презентирана ситуацијата која ја наследиле. Можам да кажам дека има многу аномалии и ќе кажам дека е катастрофална состојбата. Немало направено ремонти, има голема непотребна залиха и, најважно од сè, механизацијата не била употребувана и квалитетот на јагленот е несоодветен“,
вели Божиновска.
Рударскиот институт од Штип во соработка РЕК Битола, информира таа, направил проект со план како ќе се ископува јагленот и рече дека за кратко време има подобрување во работата на блоковите и затоа очекува да се обезбеди доволно количество енергија за претстојната зима.
„Во блоковите сега се произведува од 17 до 22 часот, тоа се часови кога електричната енергија на берзите е многу скапа во двата блока се произведува по 180 мегавати моќност, а минатиот викенд беше дури и 203 мегават-часови. Тоа значи дека има големо подобрување. Што се однесува до првиот блок, тоа е тој што не функционира, не бил направен ремонтот како што треба, меѓутоа овој менаџмент нè увери дека ќе направат напори, некаде во декември да биде ставен во мрежа. Tоа значи да се зајакната капацитетите и да се произведе максимум што е можно електрична енергија. Се надеваме дека ќе обезбедиме доволна количина на енергија за претстојниот зимски период“, кажа министерката.
Во однос на модернизацијата на енергетските капацитети, конкретно за плановите за гасификација, Божиновска најави дека на 20 ноември треба да биде отворањето на тендерот за интерконекторот за гасно поврзување со Грција, откако првиот беше поништен. Очекува новиот да биде успешен, бидејќи, како што вели, тоа е првиот предуслов за поврзувањето со Грција.
„Се зборуваше многу за проектот ‘Алексанадропулос’, меѓутоа по дискусија со раководството на ЕСМ за жал ние немаме ништо со ‘Александропулос’ освен што плаќаме три милиони евра годишно за искористување на капацитет. Немаме сопственост таму, имаме само договор на 15 години за закупување на капацитет кој сега за жал не можеме да го искористиме и за тоа имаме платено три милиони евра“,
додаде министерката говорејќи на оваа тема.
Рече дека како ново Министерство прават стратегија за тоа каде сакаме да се движиме како државата кога станува збор за енергетиката, а во овој конктекст ја спомена и Реформската агенда и Планот за раст на Европската комисија.
Од вкупно 745 милиони евра од Реформскиот палн 145 милиони евра се за зелена транзиција, но за ова имаме сериозни обврски на кои ќе работиме“, додаде таа.
Прашана за плановите со ТЕЦ Неготино, која работи на мазут и функционира како ладна резерва, Божиновска рече дека има програма и план за нејзина гасификација, но за тоа прво е неопходно да се направи конекцијата со Грција и кракот до Неготино.
„Исто така во плановите е и изградба на две когенеративни централни во Скопје и евентуално може во Битола да биде втората. Но сето ова се планови. Сега работиме на законот за енергетика, потоа ќе работиме на законот за обновливи извори, за тоа не притискаат од Европа бидејќи доцниме неколку години со роковите, а паралелено ќе ја правиме и стратегијата“,
рече министерката за енергетика, рударство и минерални суровини.