Растот и развојот на Љубљана е навистина импозантен и сите позитивни практики и коментари коишто Љубљана ги практикува во изминатите дваесетина години се надевам ќе имаме ќе имаме прилика да ги пресликаме и на централно ниво во Македонија, но и на локално ниво. Навистина корисни и полезни средби кои ќе дадат дополнителен инпут и мотивација за да ги корегираме сите оние наши недостатоци што во моментов ги имаме – изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински по средбата со градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ.
Перински и Јанковиќ се сретнаа во Словенија, во рамки на тридневната студиска посета на министерот, како дел од неговата агенда за размена на искуства и позитивни практики од земјите од регионот во насока на подготовка на планираните измени на Законот за локална самоуправа.
Што содржи визијата на Градот за одржлив развој 2007-2025 година, како Љубљана успева неколкупати да биде прогласена за најзелена европска метропола, кој беше клучен фактор за да се добие тој примат, како е организиран јавниот превоз и системот за одржување на јавната хигиена, како сите овие области се третираат во Законот за локалната самоуправа и како е извршена поделбата на ингеренциите помеѓу Градот и Општините – се дел од темите на вчерашниот состанок.
Јанковиќ со главниот град на Словенија менаџира безмалку 20 години. На средбата е разговарано и за тоа како ги надминуваат несогласувањата, за предностите и недостатоците на „затворен град“, како и за начинот на финансирање на проектите и поддршката од ЕУ фондовите.